Нема цигари во ресторани, кафулиња, автомобили – Владата подготвува строга забрана за пушење
Актуелно

Нема цигари во ресторани, кафулиња, автомобили – Владата подготвува строга забрана за пушење

1/10/2026

Според податоците, над 45% од возрасните во Македонија се пушачи, што е далеку над европскиот просек, а околу 4.000 луѓе годишно умираат од болести поврзани со пушењето.

 

Македонија подготвува сериозно заострување на Законот за заштита од пушење. Новиот предлог-закон, кој наскоро ќе оди на јавна расправа, предвидува целосна забрана за пушење во сите затворени јавни простори, како и значителни ограничувања за тутунските и никотинските производи.

Забраната ќе важи за сите угостителски објекти – ресторани, кафулиња, барови, меани и кантини. Пушењето нема да биде дозволено ниту на тераси, освен ако тие не се целосно отворени од најмалку три страни.

Со новите измени, пушењето ќе биде забрането и во автомобил доколку во него има дете, како и на автобуски и железнички станици, пазари и други јавни простори.

Законот опфаќа и електронски цигари и вејп уреди, а целосно се забранува производство, увоз и продажба на ароматизирани тутунски и никотински производи. Дополнително, сите цигари – класични и електронски – нема да смеат да се рекламираат ниту да бидат видливо изложени во маркетите.

Од Министерството за здравство велат дека мерките се неопходни за да се спречи, како што велат, здравствена катастрофа, со посебен фокус на заштита на децата и младите.

Според податоците, над 45% од возрасните во Македонија се пушачи, што е далеку над европскиот просек, а околу 4.000 луѓе годишно умираат од болести поврзани со пушењето.

Предлог-законот наскоро ќе биде објавен на платформата ЕНЕР и ќе отвори јавна дебата.