Лоша вест за овие граѓани: Исплатата на субвенции ќе биде пролонгирана
Актуелно

Лоша вест за овие граѓани: Исплатата на субвенции ќе биде пролонгирана

6/5/2026

Наместо исплата на долгоочекуваните субвенции, тутунопроизводителите добија извинување и нов рок за чекање. Претседателот на Сојузот на тутунски здруженија, Кире Ристевски, соопшти дека исплатата ќе биде одложена за дополнителни 10 до 15 дена.

Исплатата на субвенциите за тутунопроизводителите ќе биде одложена и наместо во првата недела од јуни, средствата се очекува да бидат префрлени на сметките најдоцна до средината на месецот.

Иако претходно беше најавено дека исплатата ќе започне на почетокот на јуни, од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство сè уште нема официјално објаснување за причините за доцнењето. Информациите до производителите ги соопшти Сојузот на тутунски здруженија.

Причината за пролонгирањето е поврзана со случајот на 91 тутунопроизводител кај кои биле утврдени неправилности при пријавувањето на површините под тутун за 2024 година, поради што требало да ги вратат добиените субвенции. Во меѓувреме се работело на изнаоѓање решение со кое овие производители би биле ослободени од обврската за враќање на средствата.

Одложувањето предизвика реакции кај дел од тутунарите, кои очекуваа субвенциите да ги добијат во најавениот рок, особено во период кога се подготвуваат за новата производствена сезона и се соочуваат со зголемени трошоци.