Лицата на возраст од 35 до 44 години се издвојуваат како најактивни корисници на платежни картички во Северна Македонија, покажуваат податоците на Народната банка за 2025 година.
Во оваа возрасна група се регистрирани во просек 136 плаќања по глава на жител на ПОС-терминали, што е највисок број меѓу сите старосни категории. Од нив, дури 118 трансакции биле реализирани бесконтактно, што укажува на широка примена на современите начини на плаќање.
Податоците покажуваат дека лицата од 35 до 44 години најмногу ги користат дигиталните и безготовинските платежни услуги во секојдневниот живот, додека значително поретко се одлучуваат за подигнување готовина во споредба со користењето картички за плаќање.

