Австралија од 10 декември ги забранува социјалните мрежи за лица под 16 години
Актуелно

Австралија од 10 декември ги забранува социјалните мрежи за лица под 16 години

04. 12. 2025.

Австралискиот интернет регулатор објави дека забраната за социјални медиуми за тинејџери под 16 години ќе стапи на сила на 10 декември.

Мета почна да заклучува стотици илјади профили на Инстаграм, Фејсбук и Тридс пред официјалниот датум на стапување во сила на законот, објави Ројтерс.

Комесарот за е-безбедност, Џули Инман Грант, изјави дека првично била загрижена за „суровиот“ пристап кон блокирање на помладите корисници, но ја поддржала мерката откако постепените регулаторни промени покажале недоволна ефикасност.

„Стигнавме до пресвртна точка. Нашите податоци се валутата што ги движи овие компании, а дизајнот на платформите содржи моќни, штетни и измамнички карактеристики против кои дури и возрасните се борат жестоко. Каква шанса имаат нашите деца“, рече таа.

Законот предвидува казни до 33 милиони американски долари за непочитување, а платформи како Мета, Тикток, Снепчет и Јутјуб објавија дека ќе се придржуваат кон забраната.

Околу 96 проценти од австралиските тинејџери под 16 години веќе имаат сметки на социјалните медиуми, соопшти eSafety.

Многу платформи им дозволуваат на малолетниците да ги преземат своите податоци, да ја избришат својата сметка или да ја замрзнат до 16-годишна возраст.

Инман Грант додаде дека лобирањето на платформите вклучувало обид за влијание врз американската влада, која ја замолила да сведочи пред конгресен комитет за прашањето на слободата на говорот.