Хрватска воведува ново правило за странски работници
Актуелно

Хрватска воведува ново правило за странски работници

05. 02. 2026.

Во четврток, хрватската влада ги достави во собраниска процедура измените на Законот за странци, со кои се воведува задолжително учење и полагање испит по хрватски јазик за странски работници како услов за продолжување на дозволите за престој и работа.

Измените на законот, со кои се хармонизира хрватското законодавство со прописите на Европската Унија, предвидуваат дека странските работници мора да положат испит за познавање на јазикот на ниво А1.1 по една година престој за да можат да ја продолжат својата дозвола.

Вицепремиерот и министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ изјави дека законските измени имаат за цел побрзо да одговорат на потребите на пазарот на трудот, да го намалат административниот товар и да ја подобрат заштитата на странските работници, а воедно да ги зачуваат безбедносните стандарди.

Законот им овозможува на странските работници полесно да ги менуваат работодавачите, вклучувајќи ја и можноста за промена по шест месеци работа без издавање нова дозвола, како и промена на професијата кај истиот работодавач со тест на пазарот на трудот, објавија хрватските медиуми во четврток.

Роковите за решавање на барањата за дозволи се продолжени на 90 дена, а на странските работници им е дозволен подолг период на невработеност за време на важноста на дозволата. Сезонските дозволи, кои досега се издаваа за една година, би можеле да важат до три години за истиот работник и работодавач.

Промените, исто така, ги заоструваат условите за работодавачите, вклучително и забраната за издавање нови дозволи на оние кои се на таканаречената црна листа и зголемувањето на соодносот на вработени домашни работници потребни за вработување на странски државјани.

Според податоците од Министерството за внатрешни работи, во првите девет месеци од 2025 година се издадени 136.194 дозволи за престој и работа, што е помалку од 158.837 дозволи во истиот период претходната година.