По мразот во мај, ќе скокнат ли црешите на 5 евра за килограм?
Актуелно

По мразот во мај, ќе скокнат ли црешите на 5 евра за килограм?

05. 05. 2026.

НИСКИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ „УДРИЈА“ ПО РОДОТ – НАЈПОГОДЕНИ ЛОЗЈАТА И ОВОШКИТЕ

Невообичаено ниските температури во мај предизвикуваат сериозни штети врз земјоделските култури во Тиквешијата. Според првичните информации од терен, најпогодени се лозовите насади и овоштарниците во Росоманско, особено во пониските делови покрај реките Црна и Луда Мара.

Драганчо Николов, советник во подрачната единица на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Кавадарци, вели дека штетите се највидливи токму во овие региони.

– Се мисли на лозовите и овошните насади во атарите на Росоман и селата Сирково, Камен Дол, Сопот, Паликура и Курија. Повидливи се последиците кај лозјата отколку во овоштарниците – посочува Николов, додавајќи дека во наредните денови ќе следуваат подетални теренски анализи.

И локалните власти ја потврдуваат состојбата. Градоначалникот на Росоман, Ѓорѓи Крстевски, истакнува дека има најголеми штети во ниските делови на Општината.

– Има зафатено дел, особено во долните реони. Во контакт сме со сите релевантни институции и доколку се утврдат поголеми штети, ќе се формира комисија за процена на терен – изјави Крстевски и додава дека не памети ваква појава, да има штети од ниските температури во мај.

Не само во Кавадаречко и Росоманско, и земјоделците од повеќе региони алармираат дека студените утра и невообичаените температурни падови довеле до измрзнување на младите изданоци, особено кај лозјата, кои веќе влегле во фаза на интензивен раст. Покрај лозјата, значително се погодени и одредени овошни култури, особено кајсиите и праските, кои веќе биле во чувствителна фаза на развој. Во дел од регионите се пријавуваат и сериозни штети кај младите плодови, а на одредени парцели се проценува дека се целосно уништени.

Поради измрзнувањето уште во фазата на цветање, најголем пад на приносите може да се очекува кај виновите лози, кајсиите, праските, како и кај дел од другите овошни култури во пониските и поизложени реони. Експертите предупредуваат дека токму овие култури се најранливи на доцните пролетни мразеви, бидејќи во мај веќе се во фаза на интензивен раст и формирање плод.

Агрономите препорачуваат итни мерки за ублажување на штетите, меѓу кои третирање со биостимулатори и дополнително потхранување на растенијата со цел да се намали стресот. Сепак, дел од производителите стравуваат дека приносите годинава ќе бидат значително намалени, што може да се одрази и врз цените на пазарот. За споредба, лани цените на овошјето на зелените пазари се движеа во релативно широк распон. Во сезоната, кајсиите се продаваа од околу 80 до 120 денари за килограм, праските од 60 до 90 денари, нектарините од 90 до 130 денари, додека црешите достигнуваа и од 160 до 240 денари за килограм. Сепак, на почетокот од сезоната, поради ограничената понуда, цените знаеја значително да пораснат, при што кајсиите и праските достигнуваа и до 400 денари за килограм.

Ако се потврдат најавите за сериозно намален род годинава, можно е да се повтори ланското сценарио, да има намалена понуда и изгор високи цени на домашното овошје.

Надлежните институциите во наредните денови ќе направат детална процена на штетите со цел да се утврди дали и каква поддршка ќе им биде потребна на земјоделците.

Извор: vecer.press