Со новите законски решенија, студентските домови ќе бидат поделени во две категории:
- Тип 1 – енергетски ефикасни и реконструирани домови
- Тип 2 – постојни, односно нереновирани домови
Според измените, државата ќе покрива до 40% од трошоците за сместување и исхрана во домовите од Тип 1, додека за домовите од Тип 2 останува досегашното покривање до 50%.
Во пракса, ова значи дека цените во реновираните студентски домови може да бидат повисоки и ќе се формираат според реалните трошоци.
Промени има и кај распределбата на државните стипендии:
- 40% од стипендиите ќе бидат наменети за студенти од социјални категории, како и студенти со ретки болести и попреченост
- 35% за студиски програми од стратешки интерес
- 25% за студенти со висок успех во учењето
Со законот се укинуваат и одредбите воведени за време на ковид-кризата, со што студентите кои нема да добијат место во студентски дом повеќе нема да имаат право на месечен надоместок за приватно сместување или меѓуградски превоз.
Во образложението на законот е наведено дека измените нема да имаат дополнителни финансиски импликации врз државниот буџет.
