Гаража како луксузен стан: Паркинг места во Центар се продаваат и по 18.500 евра
Актуелно

Гаража како луксузен стан: Паркинг места во Центар се продаваат и по 18.500 евра

18. 03. 2026.

„Паркинг место во подземна гаража во Дебар Маало 12.500 евра“, „подземна гаража – паркинг место во Центар 19 квадратни метри 11.100 евра“… Ова се дел од огласите за продажба на гаражни-паркинг места во Скопје. Цените уриваат рекорди. Според пресметките, еден квадратен метар во централното градско подрачје на Скопје се продава и по 1.420 евра!

„Продаваме подземна гаража во Центар, 18 квадратни метри со врата – решетка . Цена 18.500 евра“ – е еден од огласите за продажба на гаражно место.

Според менаџерите од градежниот бизнис следува период на зголемена побарувачка на станови бидејќи во економско – кризни времиња, освен златото и недвижностите се сметаат како неризична инвестиција.

„Повторно влеговме во период на неизвесност. Претходно веќе се соочувавме со проблем на недоволна понуда, а зголемена побарувачка на станови. Долг период се гради само во централното градско јадро каде веќе просторот е стеснет, а не се гради на периферните точки, односно локации, поради што на пазарот има помала понуда што влијае врз висината на цената. Сега се соочуваме со нова економска криза и во вакви околности граѓаните поради страв од инфлација, парите ги вложуваат во недвижности, што претставува повторно зголемена побарувачка при намалена понуда – фактор кој влијае врз цената“ – вели за „Локално“, Ивица Јакимовски од Градежната комора при Сојузот на стопански комори.

Според најновите податоци на НБМ, индексот на цени на недвижности незапирливо расте – во четвртиот квартал од 2025 та на годишно ниво е зголемен за 25% додека во однос на третиот квартал порастот изнесува 3,2%. Податоците покажуваат дека на квартално ниво, на крајот од декември е регистрирано најниско ниво на раст на индексот на цени, за разлика од првиот квартал кога порастот изнесувал 7,2%, во второто тромесечје 8,6% а во третото индекстот се зголемил за 4%. Дали овие стапки навестуваат „стабилизација на цените“ допрва ќе се анализира, но според познавачите, состојбата сега повторно е искомплицирана со војната на Блискиот Исток.

„На пазарот се соочуваме со апсурди. Ние сме единствената држава во светот каде стара и нова недвижност се продаваат по иста цена. Точно е дека има и проблем со цената на гаражните места – како репер се зема највисоката, па така цената на подземно паркинг место не се разликува драстично на различни локации“, вели Јакимовски.

Извор: biznisinfo.mk