Премиерот Христијан Мицкоски најави дека се разгледуваат различни сценарија со цел да се избегнат големи ценовни скокови и да се намали влијанието на енергетската криза врз животниот стандард на граѓаните.
Еден од главните чекори е зголемување на домашното производство преку РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“, како и обезбедување дополнителни количества јаглен од Косово и Грција. Во план е дневно да се обезбедуваат над 6.000 тони јаглен за потребите на термоелектраните.
Дополнително, Владата планира повторно активирање на ТЕЦ „Неготино“, од каде што, според најавите на премиерот, производната цена на струјата во моментов е двојно пониска од берзанската.
За обезбедување гориво се подготвува железнички транспорт од пристаништето во Солун, а во тек е и реконструкција на железничката делница до централата.
Мицкоски посочи дека целта е во текот на зимата да има доволно енергенси и да се избегнат поголеми поскапувања на струјата и парното во Скопје. Сепак, како што нагласи, состојбата ќе се следи и ќе се реагира согласно движењата на енергетските пазари.
