ЕУ ги заострува правилата за извоз на половни автомобили!
Актуелно

ЕУ ги заострува правилата за извоз на половни автомобили!

16. 01. 2026.

Европската унија најави воведување построги прописи за извоз на половни автомобили во таканаречените трети земји. Мовите правила не значат забрана за извоз, но носат построги критериуми и дополнителни трошоци за возилата кои не се целосно технички исправни.

Целта на новата директива е да се направи јасна разлика помеѓу функционалните половни автомобили и оние кои се сметаат за отпад, како и да се заостри контролата врз извозот на постари возила. Извозот на понови и добро сочувани автомобили кои се стари две, три или пет години нема да биде контроверзен. Проблемот се јавува кај постарите и поевтини половни автомобили, кои со години се најчест избор на купувачите кај нас. 

Ваквите возила, ако не се целосно технички исправни, ќе мора да добијат посебен сертификат или да се подложат на дополнителни поправки за да можат воопшто да се извезат од Европската унија. Новите правила воведуваат и категорија на таканаречени „возила на крајот од животниот век“.

Тоа се автомобили кои се сериозно оштетени, поплавени над нивото на воланот, запалени, исечени или со клучни системи кои не можат да се поправат без да се изгуби оригиналниот идентитет на возилото. Ваквите автомобили повеќе нема да можат да се продаваат како половни, туку ќе мора директно да се рециклираат, што е најголемата промена во споредба со претходната пракса.

Една од најважните промени е задолжителниот сертификат за технички преглед за одредени категории возила. Иако трошокот формално ќе го сноси продавачот во ЕУ, тој неизбежно ќе се одрази во конечната цена на автомобилот.

Според неофицијалните проценки, цената на сертификатот би можела да биде помеѓу 1.500 и 2.000 евра, што често е блиску до вредноста на самите најевтини половни автомобили. Затоа, прашањето е дали ќе се исплати продавачите да ги подготвуваат ваквите возила за извоз.

Поради оваа причина, реално е да се очекува дека голем број постари и евтини автомобили во земјите од Европската унија ќе завршат на рециклирање, наместо на пазари како Македонија.

Регулативата сè уште не е формално усвоена, а дури и по усвојувањето се предвидени преодни периоди. Почетокот на спроведувањето на новите правила се очекува за околу две години, додека целосната контрола на извозот во трети земји би можела да стапи на сила дури околу 2031 година.

Извор:inovativnost.mk