Фокусот на овие политики е насочен кон создавањето поодржлива и поконкурентна економија, преку стимулирање на компаниите што вложуваат во производството, воведуваат нови технологии и отвораат квалитетни и долгорочни работни места. Како дел од овие активности, државата, преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, значително ја подобрува рамката за доделување субвенции, со што се нагласува поддршката за инвестиции што имаат реален економски ефект. Целта е да се насочат јавните средства кон проекти што придонесуваат за зголемена продуктивност, иновации и технолошки напредок во приватниот сектор.
Од Министерството за економија и труд информираат дека е продолжен рокот за аплицирање до 15 јуни, со што им се дава дополнителен простор на компаниите да ја подготват потребната документација и квалитетни проекти. Паралелно, до 30 јуни е активен и јавниот повик што се однесува на поддршката на микро, малите и на средните претпријатија и на занаетчиите, особено за набавка на нови машини и опрема.
Со измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, истакна дека се прави значајна промена во начинот на доделување државна помош, со цел таа да биде поефикасна и насочена кон компаниите што создаваат реална додадена вредност.
– Со новите правила за доделување државна помош, значително се менува рамката за финансиска поддршка на инвестициите, а целта е да се поттикнат поквалитетни инвестиции, да се отворат одржливи работни места и да се зголеми продуктивноста во економијата. Со Законот е предвидена вкупна финансиска поддршка од околу 20 милиони евра, при што висината на помошта ќе зависи од големината и од видот на инвестицијата, а максималниот износ за еден инвеститор може да достигне до еден милион евра – изјави Дурмиши.
Дополнително, услов за користење на поддршката е компаниите да работат профитабилно и да ги задржат постојните работни места. За нови вработувања се предвидува поддршка од 20 % од исплатената нето-плата, односно за секое новоотворено работно место државата ќе дава по 4.400 евра годишно.
Исто така, предвидена е и поддршка до 50 % од оправданите трошоци за инвестиции, како и 10 % за набавка на машини, опрема и земјиште, со цел проширување на производствените капацитети и 10 % за мерки што ја зголемуваат конкурентноста на компаниите.
Се очекува со овој пристап да се поттикнат посилна инвестициска активност и поодржлив економски развој, со поголем фокус на квалитетните и долгорочно одржливи инвестиции.
Претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Нухи Алиу, оцени за весникот ВЕЧЕР дека новите мерки за државна поддршка на инвестициите се насочени кон поттикнување проекти со поголема додадена вредност, кои ќе придонесат за развој на производствениот сектор, воведување нови технологии и создавање одржливи работни места.
– Државата ќе ги помогне сите компании што имаат план и што сакаат да инвестираат во државата. Ова не се однесува на трговските и на прехранбените компании, туку само на компаниите што се занимаваат со производство. Тоа е добро, бидејќи на овој начин ќе се зголеми производството, а ќе се зголеми и додадената вредност. Така, наместо да извезуваме суровини и полупроизводи, ќе извезуваме финални производи со поголема додадена вредност, кои носат поголем приход во државната каса. Ова ќе ги поттикне компаниите да прават планови и да инвестираат – изјави Алиу.
Според него, ваквиот пристап може да доведе до структурни промени во економијата, со поголем фокус на индустријата и на извозот на готови производи, што долгорочно би придонело за зголемување на конкурентноста и на економскиот раст.
Правото на финансиска поддршка, според новите правила, ќе го имаат компаниите што реализираат почетна инвестиција од најмалку 100 илјади евра, при што инвестицијата задолжително мора да биде во рамките на преработувачката индустрија. Со тоа, државата јасно го насочува фокусот кон производствениот сектор, со цел да се поттикнат индустриски развој и зголемување на додадената вредност во економијата. Истовремено, од новиот модел се исклучуваат одредени дејности, па така повеќе нема да се доделува финансиска помош за субјектите од примарното земјоделство, шумарството и рибарството, како и за градежните активности поврзани со изградба и продажба на станови и деловни објекти. Ова, според надлежните, се прави за да се насочат средствата кон инвестиции што имаат подолгорочен економски ефект.
Од Министерството за економија појаснуваат дека новина во Законот е и посебната поддршка за инвестиции од иселениците. Станува збор за компании основани од лица што живеат најмалку пет години во странство, а одлучуваат да инвестираат во земјава.
За оваа категорија е предвидена поддршка од 15 до 50 проценти од вредноста на инвестицијата. На пример, доколку инвестира 500 илјади евра, иселеникот може да добие поддршка од 50 до 250 илјади евра, зависно од условите и од локацијата на инвестицијата. Акцент се става на руралните средини, каде што процентот на поддршка може да биде повисок доколку се реализира инвестицијата надвор од урбаните центри.
Целта на оваа мерка е да се поттикне враќањето на капиталот од дијаспората и негово вложување во домашната економија, со создавање нови работни места и развој на локалните заедници. Поддршката се однесува исклучиво на производствени дејности, а не на трговијата, со јасен фокус на индустриските инвестиции.
Дополнително, моделот предвидува дека средствата се исплаќаат по принципот на рефундација, односно инвеститорот прво ја реализира инвестицијата, а потоа добива поврат на дел од вложените средства од државата.
