Само минатата недела, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ отстраниле 650 кубни метри непрописно одложен кабаст и градежен отпад, од кои 170 кубни метри во Чаир. Во истиот период биле собрани и 2.700 тони комунален отпад.
Инспекциите продолжуваат и со санкции. Во Центар биле контролирани 10 градилишта и изречени шест казни од по 1.300 евра, додека во Кисела Вода и Шуто Оризари биле санкционирани лица за незаконско одлагање отпад. Град Скопје најави и поставување камери на јавни површини за полесно откривање на прекршителите.
Проблемот со отпадот има и друга последица – појава на глодари. По пријавите за стаорци кај ТЦ „Буњаковец“, Општина Центар најави нова вонредна дератизација. Надлежните предупредуваат дека само дератизацијата не е доволна ако контејнерите не се празнат редовно и отпадот се остава на несоодветни места.
Граѓаните бараат системско решение, а не само повремени акции: повеќе контејнери, подобра опрема и возила за собирање отпад, уредени места за кабаст отпад и градежен шут и целосно расчистување на дивите депонии.
За незаконско одлагање отпад се предвидени високи глоби. За правни лица, казните може да достигнат до 20.000 евра, а во потешки случаи се предвидени и кривични санкции.
