Оние со скутери и чамци да внимаваат! Од утре на сила ограничувања за пловидба во Охридското, Преспанското и Дојранското езеро
Актуелно

Оние со скутери и чамци да внимаваат! Од утре на сила ограничувања за пловидба во Охридското, Преспанското и Дојранското езеро

02. 06. 2026.

Со цел зголемување на безбедноста на капачите и учесниците во водниот сообраќај, а на предлог на Министерството за транспорт и врски, Владата донесе одлука за ограничување на пловидбата на пловни објекти на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.

Според одлуката, пловидбата на скутери ќе биде ограничена во периодот од 1 јули до 31 август, секој ден од 11:00 до 19:00 часот.

Исто така, од 3 јуни до 31 август, чамците нема да смеат да пловат во периодот од 21:00 до 05:00 часот. Во септември, ограничувањето ќе важи од 20:00 до 06:00 часот, додека во октомври, пловидбата ќе биде забранета од 19:00 до 06:00 часот.

Од Министерството посочија дека мерката е донесена со цел намалување на ризикот од несреќи, заштита на човечките животи и обезбедување непречено користење на езерските води, а воедно, најавени се и засилени контроли.

Од надлежните институции посочија дека за непочитување на ограничувањата ќе следуваат санкции, а воедно апелираа до сопствениците и управувачите на скутери и чамци да ги почитуваат правилата за пловидба, означените безбедносни зони и насоките на службите.

Извор: skopjeinfo.mk