Гирото во Грција веќе чини најмалку 5 евра – поскапени и сместувањето и храната
Актуелно

Гирото во Грција веќе чини најмалку 5 евра – поскапени и сместувањето и храната

08. 07. 2026.

Грција и ова лето останува првиот избор за голем број македонски туристи, но оние што ќе заминат на одмор треба да сметаат на повисоки трошоци. Освен сместувањето, кое во однос на минатата година е поскапено, повисоки се и цените во рестораните, таверните и локалите за брза храна.

Еден од најпопуларните оброци меѓу туристите – гирото – на повеќето места на Халкидики се продава за околу 5 евра, додека во поатрактивните туристички центри, особено во екот на сезоната, неговата цена може да биде и повисока. Порција гиро, пак, во многу ресторани достигнува 10 евра или повеќе.

Од туристичките агенции велат дека и аранжманите за летување во Грција се поскапи во споредба со лани. Според нивните информации, цените на сместувањето се зголемени за околу 10 до 20 проценти, а за студио или апартман најчесто треба да се издвојат најмалку 60 евра за ноќевање, во зависност од локацијата и периодот на престој.

Поради повисоките цени, агенциите ги советуваат туристите однапред да планираат поголем буџет за храна и секојдневни трошоци, бидејќи инфлацијата остави свој белег и врз угостителските услуги.

Од друга страна, цените во грчките супермаркети не се значително повисоки од оние во Македонија. За дел од производите тие се речиси идентични, а кај некои артикли може да се најдат и поповолни понуди.

Во обид да го ублажи влијанието на инфлацијата, грчката влада постигна договор со големите трговски синџири и производителите во текот на јули и август да не воведуваат нови поскапувања на голем број основни прехранбени производи. Истовремено, цените на околу 2.000 производи кои претходно биле намалени ќе останат непроменети во текот на летната сезона.

Според актуелните цени во маркетите, векна леб се продава за околу 1 до 1,5 евра, багет чини околу 1,3 евра, грчка пита од 1,85 до 2,35 евра, килограм домати од 1,3 до 2 евра, краставици од 0,9 до 1,3 евра, додека килограм пилешко месо се движи меѓу 5,1 и 7,5 евра. Меленото месо најчесто чини од 7,5 до 9,5 евра за килограм, а пет литри маслиново масло околу 35 евра.

Литар свежо млеко се продава за околу 1,2 евра, свежата риба – во зависност од видот – се движи од 8 до 20 евра за килограм, а една топка сладолед најчесто чини меѓу 2 и 3,5 евра.

И покрај поскапувањата, интересот за летување во Грција не стивнува. Податоците покажуваат дека минатата година повеќе од 900.000 македонски туристи ја посетиле земјата, што ја вбројува Македонија меѓу петнаесетте држави со најголем број посетители во Грција.