Веста се прошири преку социјалните мрежи, каде граѓани споделуваат спомени и емоции поврзани со местото кое со години беше симбол на скопската гастрономска сцена. „Седмица“ ќе остане запаметена по својот препознатлив хамбургер со помфрит во сендвичот, како и по специфичниот мајонез со кари, кој за многумина беше дел од автентичното искуство.
Покрај храната, сендвичарницата важеше и за место со човечки однос кон вработените, кои, според сведоштвата, не работеле во недела и за време на празници – реткост во угостителскиот сектор.
И покрај промените на пазарот и појавата на модерни и „фенси“ концепти, „Седмица“ успеа да го задржи своето место кај љубителите на класичниот хамбургер, обединувајќи неколку генерации скопјани.
„Денес го изедов последниот хамбургер таму. Со среќа понатаму и благодарам за сите спомени од младоста“, стои во една од објавите која предизвика бројни реакции.
Со затворањето на овој локал, Скопје губи уште едно место кое беше дел од секојдневието и урбаната меморија на градот.
Извор:skopjeinfo.mk
