„Како аеродромски оператор ние секогаш ги слушаме барањата на патниците. Многумина од нив посакуваат авиолинии од Скопје до Барселона и Мадрид, како и до други атрактивни дестинации во Шпанија. Затоа, како дел од маркетинг-стратегијата и како дел од промотивните активности на ТАВ Македонија, заедно со македонскиот тур-оператор Balkan Prime Tours, ги поканивме најистакнатите туристички агенции од Шпанија, заедно со влијателен туристички блогер, за да ја запознаат Македонија и нејзиниот огромен туристички потенцијал како нова дестинација за шпанските патници. Веќе имаме интерес од Македонците да патуваат во Шпанија, па сфативме дека треба да создадеме интерес и кај шпанските патници за на тој начин да ги поттикнеме авиокомпаниите да воспостават директни авиолинии меѓу двете земји. Истовремено, работиме и на привлекување на авиокомпании кои би почнале да летаат и од скопскиот и од охридскиот аеродром до целни и атрактивни дестинации за одмор во Шпанија”, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија.
Поддржани од матичната компанија, ТАВ Аеродроми, македонскиот аеродромски оператор присуствува на најзначајните туристички и воздухопловни саеми на светско ниво, иницира средби и преговори со различни авиокомпании, со една главна цел – зголемување на бројот на дестинации и бројот на патници на двата аеродрома во Скопје и во Охрид. Во рамки на маркетинг-активностите, ТАВ Македонија не ги промовира само македонските аеродроми, туку и Македонија како неоткриена туристичка дестинација.
ТАВ Македонија го заокружи периодот од јануари до октомври 2022 година со 2 милиона (2.031.562) патници кои патувале преку двата македонски аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле–Охрид. Ова претставува -11% споредено со истиот период во 2019, година што се смета за референтна во авијацијата, или периодот пред пандемијата со Ковид-19. Споредено со истиот период – јануари-октомври 2021 година, бројот на патници на скопскиот и охридскиот аеродром закрепнува, односно од јануари до октомври е зголемен за 78%.

.jpg)