Личната карта и возачката се селат во мобилниот: Познато кога стартува „м.Услуги“
Актуелно

Личната карта и возачката се селат во мобилниот: Познато кога стартува „м.Услуги“

24. 09. 2026.

Наместо да посегнуваат по паричникот, граѓаните наскоро ќе можат да пристапат до личната карта и возачката дозвола директно преку својот мобилен телефон. Националната апликација „м.Услуги“ официјално ќе биде промовирана на 28 октомври, а веќе следниот ден треба да стане достапна за преземање.

Новата апликација треба постепено да го промени начинот на кој граѓаните ги користат личните документи и комуницираат со државните институции. Во првата верзија ќе бидат достапни електронската лична карта и електронската возачка дозвола, како и пристап до дел од електронските услуги.

Според најавите, „м.Услуги“ ќе биде бесплатна и нејзиното користење нема да биде задолжително. Оние кои не сакаат да ја користат ќе можат и понатаму да ги користат физичките документи на досегашниот начин.

Не станува збор за фотографија од личната карта

Дигиталниот документ нема да биде обична фотографија од личната карта или возачката зачувана во телефонот.

Документите ќе бидат поврзани со систем за електронска идентификација преку кој надлежната институција ќе може во реално време да ја провери нивната автентичност и валидност. Во подготовката на системот се работи и на заштитата на личните податоци, сајбер-безбедноста и размената на податоци со МВР.

Тоа значи дека мобилниот телефон ќе служи како пристап до верификуван електронски документ, а не само како место каде што е зачувана негова копија.

Што ќе може да се користи преку „м.Услуги“?

Покрај личната карта и возачката дозвола, во почетната верзија се најавуваат и услуги преку кои граѓаните ќе можат да добијат потврда за работен стаж, како и да пристапат до сопствените податоци од Централниот регистар на население.

Во следните фази апликацијата треба да добие и електронско сандаче, известувања за истекување на документи и поедноставен пристап до најчесто користените услуги на институциите.

Апликацијата ќе биде бесплатна и доброволна

Важна разлика е што воведувањето на дигиталните документи не значи укинување на пластичната лична карта или возачката дозвола.

Физичките документи остануваат во употреба, а „м.Услуги“ ќе биде дополнителна можност за оние што сакаат услугите и документите да ги користат преку телефон.

Апликацијата е најавено дека ќе биде достапна преку App Store и Google Play од 29 октомври, еден ден по официјалната промоција.

Проект вреден повеќе од 1,5 милиони евра

Проектот е реализиран со поддршка од Европската Унија и во соработка со партнери од Полска и Украина, а како инспирација се користени нивните искуства со дигитални државни услуги.

Вредноста е повеќе од 1,5 милиони евра, а според информациите презентирани денеска, средствата се обезбедени од ЕУ, без средства од македонскиот државен буџет.

Идејата е „м.Услуги“ со текот на времето да добива сè повеќе документи и услуги, така што дел од административните обврски што денес бараат посета на шалтер постепено ќе можат да се завршуваат преку мобилен телефон.