Прошетката низ центарот на Скопје нуди необична слика, огромни статуи, фонтани, неокласични фасади, триумфални порти и објекти кои потсетуваат на различни историски периоди, поставени еден до друг без јасна архитектонска целина. За дел од посетителите, оваа мешавина создава впечаток на градска сценографија која повеќе наликува на тематски парк отколку на европска метропола.
Во исто време, речиси на секој чекор можат да се забележат казина, автомат клубови и обложувалници. Светлечките реклами и понудата за игри на среќа се меѓу првите работи што ги забележуваат туристите кои пристигнуваат во градот. Токму поради ова, некои посетители го споредуваат Скопје со Лас Вегас, не поради неговата големина или луксуз, туку поради впечатокот дека забавата и коцкањето се меѓу главните туристички адути.
