Сопствениците на возила отсега при регистрација ќе добиваат код за верификација на мобилен телефон и електронска адреса, како дел од новата процедура што ја воведува Министерството за внатрешни работи, со цел да се избегнат можни грешки при доставување на санкциите од системот „Безбеден град“.
Од МВР информираат дека при регистрација на возило во станиците за технички преглед или во управните служби, сопственикот на шалтер ќе треба да остави телефонски број и е-mail адреса, по што веднаш ќе добие порака со код за верификација.
„На мобилниот телефон и на електронската адреса сопственикот добива порака со код за потврда дека контакт податоците што ги оставил се лично негови“, информираат од МВР.
Според Министерството, оваа измена е воведена со цел да се обезбеди поголема точност и сигурност при испраќањето на известувањата и санкциите од системот „Безбеден град“.
И понатаму, сите известувања за сторени сообраќајни прекршоци ќе се доставуваат преку СМС порака и електронска пошта до сопственикот на возилото.
