Според податоците, ЕУ во 2025 година има околу 451,8 милиони жители. Иако во наредните неколку години се очекува благо зголемување, при што населението би достигнало околу 453,3 милиони во 2029 година, потоа следува долгорочен тренд на намалување. До 2100 година, бројот на жители би се свел на околу 398,8 милиони.
Овие проценки се темелат на анализи на стапката на наталитет, смртноста и миграцијата, при што се зема предвид и постепено приближување на демографските движења меѓу земјите членки.
Покрај вкупното намалување на населението, се очекува и значајна промена во неговата старосна структура. Ќе расте бројот на постари граѓани, додека младите и лицата на работоспособна возраст ќе бидат сè помал дел од вкупната популација.
Според проекциите, уделот на деца и млади до 19 години ќе се намали од 20 на 17 проценти. Во исто време, населението на возраст меѓу 20 и 64 години ќе се намали од 58 на 50 проценти.
Од друга страна, постарите возрасни групи ќе учествуваат со сè поголем удел. Лицата на возраст од 65 до 79 години ќе се зголемат од 16 на 17 проценти, а најголем раст се очекува кај населението над 80 години, чиј удел би пораснал од 6 на 16 проценти.
Извор:faktor.mk
