На денешен ден во 1962 година, катастрофална поплава го погоди Скопје: Илјадници граѓани останале без дом
Актуелно

На денешен ден во 1962 година, катастрофална поплава го погоди Скопје: Илјадници граѓани останале без дом

16. 11. 2026.

На 16 ноември 1962 година, Скопје и повеќе градови во Македонија беа погодени од големи поплави предизвикани од повеќедневни обилни врнежи. Набабрениот Вардар се излеал од своето корито и поплавил делови од главниот град, оставајќи зад себе човечки жртви и огромна материјална штета.

Во Скопје под вода се нашле улицата „Илинденска“, градскиот плоштад, Градскиот парк, просторот околу стадионот и повеќе станбени населби. Дополнително, излевањето на реката Серава ги загрозило домовите долж улицата „Цветан Димов“. Неколку мостови биле оштетени, а делови од градот останале без електрична енергија.

Според историските податоци, во Скопје биле регистрирани четири жртви, урнати биле 1.050 куќи, а 4.445 граѓани останале без покрив над главата. Поплавени биле и бројни згради, инфраструктурни објекти и делови од водоводната и канализациската мрежа.

Непогодата ги погодила и Охрид, Струга, Ресен, Битола, Тетово, Велес, Кичево и други населени места. Во спасувањето и санирањето на последиците учествувале граѓани, војници, пожарникари и младински бригади од повеќе градови.

Само на 19 ноември во расчистувањето на скопските улици учествувале 3.830 младинци, а следниот ден биле ангажирани околу 5.000.

Поплавата од 1962 година останала запаметена како една од најтешките природни катастрофи во поновата историја на Македонија, но и како пример за солидарноста и заедништвото на граѓаните во справувањето со последиците.