Оваа година е пред крај, но и за наредната нема конкретна најава дека ќе се овозможи предвремено пензионирање.
Јавноста е во исчекување на измените на пензиската регулатива со кои ќе се укине актуелната опција работниот век да се продолжи до 67 години, а пензионирањето за жени ќе се ограничи на 62 и за мажи на 64 години, со можност со намалени примања во пензија да се замине до пет години порано.
Можноста за предвремено пензионирање ја разбранува јавноста. Меѓу другото, се стравува дека ќе има голем наплив на пензионери, што ќе биде неиздржлив товар за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Пет години порано во пензија значи дека жените би можеле да се пензионираат на 57, а мажите на 59-годишна возраст. Бројките од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување покажуваат дека со пет години порано одење во пензија би можеле да бидат опфатени 52.000 лица и тоа 28.000 мажи и 23.000 се жени.
Но, кој од нив ќе сака предвремено да се пензионира под услов да прима помала пензија? Тоа ќе се дознае дури тогаш кога ќе се прецизираат деталите и ќе се открие колку ќе биде намалена пензијата. Прашање е дали вработените во трудово интензивните гранки како што се текстилната, градежништвото, преработувачката индустрија кои едвај чекаат да престанат да работат под условите што ќе им се понудат навистина ќе сакаат предвремена пензија. Најголемиот дел од нив се на минимална плата, што значи дека и онака би примале мала пензија.
Административците, пак, наместо порано, најчесто сакаат во пензија да одат подоцна. Според податоците од Министерството за информатичко општество и администрација 10.300 службеници се постари од 64 години, а се уште работат.
Во такви услови за очекување е дека напливот на нови пензионери нема да биде преголем, зашто само дел ќе се одлучат за предвремено пензионирање, но бројката секако ќе ја зголемат оние кои сметале на тоа дека ќе работат до 67 години.
Жените да може да се пензионираат со 35 години стаж и мажите да одат во редовна пензија со 40 години, без разлика на нивната возраст. За нив да се обезбеди предвремена старосна пензија, бидејќи многу од нив не можат да дочекаат редовно да се пензионираат на 62, односно 64 години поради здравствени причини или претпријатието каде што работеле им отишло во стечај