Останува уште мерката задолжително носење маски во затворени простории за што Комисијата за заразни болести најверојатно ќе разговара на утрешниот состанок. Оттаму велат дека епидемиолошката состојба во Македонија е сосема стабилна, нема никакво преоптоварување на болничките капацитети, бројките на новозаразени постојано паѓаат, но сепак е се уште рано за да се случи целосно укинување на мерките, пред се заради нискиот опфат на вакцинација кој во Македонија е некаде над 41 процент.
Сепак од страна на родителите не стивнуваат реакциите за задолжителното носење маски за време на наставата во основните и средните училишта. Единствено барање од страна на група родители во однос на укинување на носењето заштитни маски е само за време на часовите по физичко образование.
Наставата по физичко образование ќе се одвива без заштитни маски, нагласено е во документ од Владата на кој вчера се повик ТВ21. Во документот се наведува дека одлуката е донесена на барање и средба со група граѓани-родители и е во согласност со препораките на Светската здравствена организација.
Токму во оваа насока, родителите со кои разговараше Фактор посочуваат дека носењето маски на останатите часови нема никаква логика.
-Сметаме дека задолжителното носење маски во училница е целосно бесмислено, особено што процентот на заразени ученици со ковид во училиштата е многу низок. Заштитните маски, освен во јавниот превоз и главно во продавници, веќе никаде никаде не се носат. На работните места и во институциите, па и во многу приватни фирми ретко кој од вработените ги носи постојано. Граѓаните во голем број прележаа ковид, дел се вакцинираа, примаат и бустер дози, така што ризикот со зараза со ковид е сведен на минимум. Затоа сметаме дека е доста со носењето маски во училиштата, велат од родителските одбори во неколку скопски основни училишта.
Здравствените власти, сепак посочуваат дека останатите рестриктивни мерки постепено ќе се релаксираат и не очекуваат да има зголемување на бројот на новозаразени. Велат дека пандемијата не е завршена, но трендот е многу добар, а податоците покажуваат дека иако процентот на вакцинирани е мал, колективниот имунитет во Македонија е околу 80-85 отсто.
Во моментов, во Скопје има најголем број активни случаи, 1.354, а вкупниот број на активни со корона вирусот во цела Македонија е 2.445.
