Вкупно 5.000 келнери, садопери, рецепционери и собари од Турција можат веднаш да дојдат во земјава и да почнат со работа во нашите угостителски објекти, доколку државата им овозможи брзо вработување, под истите услови кои важат за македонските граѓани, само со лични карти и евидентирање без многу формалности – порача Туристичко-угоститеката комора (ТУК) при Сојузот на стопански комори.
Според ТУК, немањето кадар во секторот моментно е најголем проблем, а недостигаат околу 20.000 работници. Доколку ситуацијата не се смени за околу една година, 50-60 отсто од рестораните и хотелите ќе се затворат.
Засега, затворање нема да има, проблем е кадарот. Ни фалат 20.000 работници. Ние обезбедивме 5.000 од Турција и тие може да дојдат утре, но ако дозволи и овозможи државата. Сите би ги прифатиле македонските плати кои, всушност се слични со оние во Турција поради кризата и падот на лирата. Нашите келнери, собари и рецепционери масовно заминуваат, главно на Јадранското приморје, во Хрватска и Словенија, но евидентно е и иселувањето во подалечните земји – изјави претседателот на ТУК, Аркан Керим.
Тој оценува дека со турските работници, нашиот туристичко-угостителски сектор ќе го подигне и стандардот на услугите.
Тој додаде земјава не е примамлива за работници од Србија или Албанија. И тие најчесто работат или на Јадранско приморје или во Грција.