Деновиве на веб страницата на Агенцијата за администрација осамнаа три огласи за вработување во Агенцијата за електронски комуникации, регулатор на телекомуникациските оператори во земјава.
Не е тајна дека вработените во Агенцијата за електронски комуникации отсекогаш имале највисоки примања во државава, барем во делот на државните институции, пишува Фактор, но оваа агенција која се финансира од надоместоците за издавање на лиценци на операторите, како и радиодифузни фреквенции, никогаш не сакала јавно да ги прикаже платите што ги земаат нејзините вработени, особено раководниот кадар.Во нејзините извештаи многу тешко можат да се најдат подетални бројки, а не и е силна страна ниту транспарентноста и комуникацијата со медиумите за да може да се открие нешто повеќе.
Сепак, огласите откриваат дека почетната плата на двајца советници на директорот што таму треба да се вработат и за кои се огласени работните места, ќе изнесуваат по 80 илјади денари, додека, пак, платата на еден помлад соработник без искуство, ќе биде 50 илјади денари.
Веќе никој не се ни сомнева дека огласите за овие работни места се само формални, и дека сосема е извесно дека без разлика на бројката на оние што ќе се пријават, позициите ќе ги добие некој што е однапред одереден да ја има таа среќа- пишува faktor.mk
Во најновите распишани јавни огласи е изненадувачки тоа што се бараат не еден, туку двајца советници на директорот за информатички технологии, со буквално исти услови што треба да ги исполнуваат, иста почетна плата, и иста национална припадност што треба да ја имаат согласно правичната застапеност. Но, се претпоставува дека овде не станува збор за техничка грешка, односно истиот оглас да е по грешка два пати објавен, бидејќи има различен сериски број.
Па така, и двајцата советници на директорот за информатички технологии треба да бидат високо образовани и да имаат завршено електротехника, компјутерска техника и информатика или информатика.
Како услов кој е наведен дека треба да го исполнуваат е да имаат најмалку шест години работно искуство во струката од кои најмалку две години на раководно работно место во јавен сектор, односно најмалку 10 години работно искуство во струката од кои најмалку три години на раководно работно место во приватниот сектор.
За толку висока плата не треба да исполнуваат некои други посебни услови, односно треба да имаат активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење, да имаат потврда за положен испит за административно управување, како и активно да познаваат еден од трите најчесто користени јазици на Европската унија.
Нивната почетна нето плата ќе изнесува 80.130 денари.
И двајцата советници, според годишниот план на Агенцијата, треба да бидат Албанци според својата националност. Еве линк до огласите
2. Советник на директорот за информатички технологии
ПЛАТА: 80.130,00 денари
линк за повеќе детали
3. Советник на директорот за информатички технологии
ПЛАТА: 80.130,00 денари
линк за повеќе детали
А, плата од 50 илјади денари ќе зема помладиот соработник за прибирање и обработка на податоци, за кого исто така е распишан оглас.
Тој треба да има економски факултет или високо образование од областа на организациони науки и управување (менаџмент) или, пак, политички науки. Овој кадар не мора да има никакво досегашно работно искуство. Треба да биде Турчин според својата етничка припадност, а точниот износ на платата е 50.318 денари. Значи, во АЕК можете да се вработите без никакво работно искуство, а да статувате со плата од над 50 илјади денари.
Погледнете го и овој оглас на линкот подолу
1. Помлад соработник за прибирање и обработка на податоци, Одделение за прибирање и обработка на податоци, Сектор за регулатива
ПЛАТА: 50.318,00 денари
линк за повеќе детали