Српскиот блогер за патувања пристигна на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид со првиот обновен лет на релација Белград – Охрид, на 19 јуни, а за време на неговиот 5-дневен престој на живописното Охридско Езеро, ги овековечи воодушевувачките пејзажи, неверојатната архитектура, живите и динамични улици и волшебните цркви – во потрага по откривање на скриениот бисер на Балканот – Охрид.
Идејата и иницијативата на ТАВ Македонија – да ангажира професионалец кој ќе креира водич за патување за Охрид за српската популација на Балканот, на нивниот мајчин јазик, беше реализирана преку различни содржини на социјалните мрежи, креирани и објавени од страна на српскиот блогер putuj.rs, преку текст со фотографии на неговиот блог, преку страниците на Instagram и Facebook, како и преку 30-минутно видео за Охридското Езеро објавено на неговиот канал на YouTube, со наслов „Охрид и Охридското Езеро, приказна со душа“.

За време на неговата посета, блогерот шеташе по калдрмата, воодушевувајќи се на стариот град во Охрид, кој е на списокот на светското наследство на УНЕСКО. Се восхитуваше на иконичната Охридска тврдина, сведоштво за историското минато на градот и уживаше во архитектонските чуда на црквата Св. Јован Канео и црквата Св. Софија. Неговите фотографии и видеа одлично ја доловија суштината на овие историски знаменитости, носејќи ја и водејќи ја неговата публика до самото срце на Охрид. Понатаму, тој патуваше со брод до една од најатрактивните македонски туристички локации со прекрасна околина, манастирот Св. Наум, а имаше и шанса да ги посети и да ужива во природниот спој на изворите на реката Црн Дрим, а подоцна уживаше на плажата со ситни бели камења и беспрекорно проѕирната вода во Трпејца, како и на песочната плажа во Љубаништа.

Дополнително на уживањето во пејзажите, имаше шанса и за малку покачување на адреналинот – тој леташе со параглајдер над Охридското Езеро и Галичица, а во текот на целиот престој го доживеа гостопримството на луѓето и градот Охрид, вкусувајќи ги вкусните специјалитети како пастрмка, белвица, ѓомлезе, макало, рибја чорба и уникатната охридска јагула.ТАВ Македонија, во рамките на стратегиите за маркетинг и комуникации на ТАВ Аеродроми, континуирано иницира слични активности од областа на интегрираните маркетинг-комуникации, со цел да ги промовира скопскиот и охридскиот аеродром, како и Охрид, Скопје и Македонија како дестинација за патување за странците од различни држави кои се потенцијални пазари за дојдовни туристи.
