Во дигиталната ера, купувањето преку интернет стана секојдневие, но со тоа се зголеми и бројот на измами.
Граѓаните се соочуваат со нов вид измама на социјалните мрежи, особено на Фејсбук, каде што измамниците користат лажни огласи за да привлечат купувачи.
Со ветување за квалитетни производи, тие ги мамат граѓаните да платат за нешто што никогаш нема да го добијат.
Наместо ветеното, купувачите често добиваат производи кои се сосема различни и со значително помал квалитет.
Ако бараш АДМИНИСТРАТИВНА РАБОТА кликни ТУКА!
Еден скопјанец, кој сакаше да остане анонимен, за Денар сподели дека бил измамен откако нарачал специјализирано млеко за чистење пластики на автомобилот. Наместо тоа, тој добил обичен течен сапун.
„Се чувствувам излажан и разочаран. Верував дека купувам квалитетен производ, но сè што добив беше сапун кој можам да го купам во било која продавница за многу помала цена”. изјави тој.
Кога се обидел да се пожали на продавачот преку Фејсбук, неговиот профил веднаш бил блокиран, оставајќи го без можност за враќање на парите или барање правда.
Овој случај не е изолиран. Многу други граѓани изразија слични фрустрации, соочувајќи се со истиот проблем.
Потрошувачките права се често игнорирани во овие трансакции, а механизмите за заштита се чинат недостапни.
Експертите советуваат потрошувачите да бидат внимателни при купувањето преку интернет и да користат платформи со добро утврдени системи за заштита на купувачите.
„За да се избегнат вакви непријатности, се препорачува да се прават купувања од проверени продавачи и да се избегнуваат трансакции со лица кои не нудат транспарентност и гаранции за враќање на парите. Исто така, важно е да се читаат коментарите и оценките на другите купувачи и да се бараат препораки од познати лица. Во случај на измама, потрошувачите треба да контактираат со Фејсбук и да ги пријават профилите кои се занимаваат со вакви активности. Иако социјалните мрежи имаат свои политики и механизми за борба против измамите, сепак е потребно да се зголеми свесноста и да се преземат активни чекори за заштита на себеси и на своите финансии“, советуваат експертите.