![ЗАВРШИ НОВОГОДИШНАТА КОШНИЦА: Од денеска ќе се знае дали ќе се вратат на старо цените што еден месец беа намалени](https://s.vrabotuvanje.com.mk/data/images/preview/article/e0/11ecba0e-resize-820x0x100.jpg)
Новогодишната кошничка, што траеше еден месец, а со која беа намалени цените на дел од прехранбените производи, заврши. Од денеска ќе се знае дали цените што беа намалени ќе се вратат на старо.
Надлежните се задоволни од новогодишната кошничка бидејќи, според нив, таа дала ефекти и цените на храната и пијалоците во декември бележат намалување во однос на ноември. Граѓаните со забелешка дека нема некоја голема промена во намалувањето на цените, а од опозицијата, ваквите мерки ги оценија како целосно промашени.
Од Министерството за економија и труд очекуваат ефектите од новогодишната кошничка да се потврдат и со статистичките податоци за јануари во однос на декември и најавуваат дека ќе се продолжи со мерки и политики со кои ќе се заштити стандардот на граѓаните.
– Се очекува и во статистичките податоци за јануари 2025 година во однос на декември 2024 година да се потврдат ефектите од новогодишната кошница, односно да се оствари дополнително намалување на трошоците за живот кај храна и безалкохолни пијалоци. Благодарност до сите производители, дистрибутери и трговци кои се приклучија и учествуваа во оваа акција и ги намалија цените на прехранбените производи и на дел од пијалоците за време на новогодишните и божиќните празници, велат од Министерството за економија.
Новогодишната кошничка беше креирана на иницијатива на бизнис секторот и вклучуваше 1178 производи од 96 производители и дистрибутери. Во акцијата беа вклучени 51 маркети. Креирана како иницијатива на бизнис секторот, за новогодишната кошничка немаше владина одлука, а Државниот пазарен инспекторат можеше да врши само мониторингот на цените во согласност со Законот за заштита на потрошувачи и Законот за трговија, односно да мониторира дали има отстапки во однос на цените на производите кои се во Новогодишната кошница и најниските цени на истите производи кои биле во последните 30 дена.
Во декември, пораст од 840 денари забележа и синдикалната минимална кошничка во однос на ноември. Нејзината висина изнесуваше 62.861 денар, а со трошоците за изнајмен стан од 60 м2, минималните трошоци на едно четиричлено семејство беа проектирани на 78.236 денари. За храната и пијалоци во декември, според пресметките на синдикатот, минимум биле потребни 23.075 денари што е зголемување за околу 40 денари во споредба со септември.
Од Сојузот на синдикати, кој ја изработува синдикалната кошничка, тогаш оценија дека загрижува тоа што трговците го искористиле периодот пред стапување на сила на последната акција и евидентно ги зголемиле цените.
Статистичките податоци за декември во делот на трошоци на живот покажуваат дека на годишни ниво има зголемување од 4,4 проценти, а на месечно ниво за 3,5 проценти. Цените на мало на годишно ниво се зголемени за 4,3 проценти, а на месечно ниво за 3,8 проценти.