На Меѓународниот аеродром Скопје денеска беше пречекан првиот чартер лет на „Фрибрд ерлајнс“, со група од 180 германски туристи

На Меѓународниот аеродром Скопје денеска беше пречекан првиот чартер лет на „Фрибрд ерлајнс“, со група од 180 германски туристи

16. 02. 2025.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, менаџментот на ТАВ и директорот на германскиот тур-оператор на RSD Reisen Хорст Живковиц, денеска на Меѓународниот аеродром Скопје го пречекаа првиот чартер-лет на авиокомпанијата „Фрибрд ерлајнс“, кој ја донесе првата група од 180 германски туристи.

Со ова се одбележа почетокот на овие чартер-летови кои ќе пристигнуваат на скопскиот аеродром секој ден, почнувајќи од денеска до почетокот на јуни, и потоа од октомври до средината на декември. Се очекува овие организирани летови да донесат 35.000 туристи во земјава.

Министерот за транспорт Николоски, истакна дека ова е ден за паметење, затоа што, како што рече, Македонија гледа голем број на туристи надвор од главната сезона.

Изрази очекување тој број да расте во годините што следат, и како што кажа, тоа значи 35.000 туристи коишто ќе ги полнат хотелите, кои ќе ги посетуваат убавите кафеани, ресторани, кои ќе купуваат убави сувенири од Македонија, и на тој начин ќе придонесуваат за локалната економија.

Министерот Љутков изрази надеж дека ќе бидеме добри домаќини во иднина со ваков капацитет, и угостителите ќе имаат можност да ги подобруваат своите капацитети во иднина, со што би имале и поголем број на туристи и поголем број сместувачки капацитети.

Главниот извршен директор на германскиот тур-оператор RSD Reisen Хорст Живковиц, истакна дека нивните клиенти со нетрпение чекаат да ја посетат нашата земја и оти до крајот на сезоната планираат да донесат 35.000 гости.

-Досега имаме договорено летови за 25.000 патници кои ги резервираа овие тури од Германија, Австрија, Франција и Велика Британија, и до крајот на сезоната очекуваме да донесеме 35.000 гости. Убеден сум дека гостите ќе уживаат во вашата прекрасна земја, историјата и топлото добредојде на луѓето кои живеат овде. Јас навистина уживав кога ја посетив Македонија, изјави Живковиц.

Авиокомпанијата ангажирана од македонски и германски тур-оператори во соработка со македонската Влада, ќе лета до скопскиот аеродром секој ден од февруари до јуни, и од октомври до декември. Се очекува оваа програма за дојдовен туризам да донесе вкупно 35.000 европски туристи од Германија, Франција и Велика Британија.

Европските градови од кои ќе полетува „Фрибрд ерлајнс“ и ќе слетува на скопскиот аеродром се – Хамбург, Хановер, Минхен, Штутгарт, Берлин, Лајпциг, Дизелдорф и Франкфурт (Германија), Манчестер, Лондон – Гетвик (Велика Британија) и Париз, Лион и Марсеј (Франција).

Извор: vecer.press