
Со цел зголемување на јавните приходи повеќе пратеници предлагаат носење на Закон со кој ќе се овозможи пријавување и на сезонските работници, или работници на краток период.
Предлагачите укажуваат дека целта на Законот за работно ангажирање на лица е да овозможи остварување на правата на лицата ангажирани по овој основ, уредување на правата и обврските кои произлегуваат од работниот ангажман, задоволување на потребата од работна сила кај работодавачите, формализирање на непријавената работа во секторите Земјоделство, шумарство и рибарство, Објекти за сместување и сервисни дејности за храна и Дејности на домаќинството како работодавач.
Со овој чекор според нив ќе се зголемат јавните приходи по основ на даноци и платени придонеси од задолжителното социјално осигурување.
Ангажирањето на работници ќе се прави во поедноставена постапка со пријава на лицето преку регистар за евиденција на работно ангажирање на Агенцијата за вработување. Наплатата на даноците и придонесите ќе се врши преку надградба на системот за наплата на даноците и придонесите на Управата за јавни приходи. Развојот, надградбата и прилагодувањето информациските системи на Агенцијата за вработување и Управата за јавни приходи ќе се реалиизра со донаторска поддршка. Исто така, со овој закон ќе се прошират надлежностите на Агенцијата за вработување за управување и одржување на регистарот за евиденција на работно ангажирање.
Донаторската поддршка, покрај трошоците за воспоставување на регистарот за евиденција на работно ангажирање, опфаќа и обуки за персоналот од јавните институции за користење и одржување на системот, како и инсталирање на потребните софтверски решенија и едукација на работодавачите и сезонските работници. Нема да биде потребно формирање нови институции ниту набавка на посебна опрема.
- Целта на законот e да се уреди работното ангажирање на лица за вршење на работи од повремена или сезонска природа, а заради остварување на правата на лицата ангажирани по овој основ, задоволување на потребата од работна сила кај работодавачите и формализирање на неформалната работа. Ангажирањето согласно овој закон е од повремена или сезонска природа во одредени дејности и не претставува работен однос согласно Законот за работните односи– се нагласува во законот.
Во него исто така се предвидени и казни за прекршителите. Казните ќе се движат од 200 до 1.000 евра, во зависност од големината на компанијата. Утврдено дека ќе се казнува ако не се почитуваат одредбите од законот, ако работодавачот не го запознае ангажираниот работник со условите за работа, ако прекрши некои од одребите. Казни ќе следуваат и за раководните лица и тоа ќе се движат од 150 евра за мала фирма, 300 евра за раководител во средна компанија и 400 евра за раководител во голема компанија.
Законот предвидува и високи казни во износ од 500 до 1000 евра за мал работодавач, од 1.000 до 2.000 евра за среден работодавач и од 2.000 до 3.000 евра за голем работодавач ако ангажира лице спротивно на законот, односно од дејности кои не се опфатени со овој закон. Исто толку високи казни ќе следуваа и за неисплатен паричен надоместок од работното ангажирање. Казни ќе следуваат и во други ситуации.