58 заболени, 8 починати: Што се случува со западнонилската треска во Македонија?
Актуелно

58 заболени, 8 починати: Што се случува со западнонилската треска во Македонија?

9/11/2026

Во Македонија досега се потврдени 58 случаи на западнонилска треска, а осум пациенти починале. Двајца заразени се во тешка состојба и се на апарати за дишење, додека останатите хоспитализирани пациенти се стабилни.

Сите починати се мажи постари од 60 години, од кои седум имале и други заболувања. Лекарите предупредуваат дека кај пациентите со невролошки симптоми опоравувањето може да трае со месеци.

Здравствените власти оценуваат дека бранот веќе стивнува, но опозицијата ја обвинува власта за задоцнета реакција и недоволни превентивни мерки, особено во борбата против комарците.

Во Европа, до 3 септември се регистрирани 1.086 локално пренесени случаи во 15 земји. Најмногу има во Италија – 516, Грција – 284 и Шпанија – 88, додека Македонија според европската евиденција е петта со 55 случаи.

Западнонилската треска најчесто се пренесува преку убод од заразен комарец. Според СЗО, тешка форма со невролошки компликации се развива кај приближно еден од 150 заразени.