Преминувањето на зимско сметање на времето годинава е предвидено за 25 октомври 2026 година. Во 3 часот по полноќ, часовниците ќе се вратат на 2 часот, со што официјално ќе започне зимското сметање на времето.
Иако сезонското поместување на часовниците продолжува да важи и оваа година, прашањето за негово евентуално укинување и понатаму останува отворено во Европа. Европската комисија го има објавено календарот согласно актуелните правила, додека на европско ниво сè уште нема конечна одлука за прекин на оваа практика.
Според важечкиот распоред, следното преминување на летно сметање на времето е предвидено за 28 март 2027 година, кога часовниците ќе се поместат еден час нанапред. Летното сметање на времето во 2027 година ќе трае до 31 октомври, кога стрелките повторно ќе се вратат еден час назад.
Прашањето за укинување на сезонското менување на времето веќе неколку години се разгледува во Европската Унија. Европскиот парламент уште во 2019 година го поддржа предлогот оваа практика да престане, но земјите-членки досега не постигнаа конечен договор околу тоа дали во иднина трајно да се задржи летното или зимското сметање на времето.
Додека не биде донесена поинаква одлука, продолжува да важи досегашниот систем – часовниците се поместуваат во последниот викенд од март и во последниот викенд од октомври.
Ова правило се применува и во Македонија, каде што напролет часовникот се поместува еден час нанапред, додека наесен се враќа еден час назад.
