КРАЈ ЗА ФАБРИКАТА ВО ГЕРМАНИЈА: 101 работник остана без работа, брендот се сели во Белгија
Актуелно

КРАЈ ЗА ФАБРИКАТА ВО ГЕРМАНИЈА: 101 работник остана без работа, брендот се сели во Белгија

10/26/2026

Германскиот производител на чоколадни пралини DreiMeister ја напушта Германија и го префрла производството во Белгија, откако не успеа да најде инвеститор што ќе го спаси работењето. Иако брендот ќе продолжи да постои, сите 101 преостанат вработен добиле отказ.

Компанијата, која во мај започна стечајна постапка, ги продаде правата за брендот и производствените машини на белгискиот претприемач Жо Балет. Производството треба да продолжи во градот Варегем, каде што тој планира да отвори погон за чоколадни специјалитети.

Според германските медиуми, опремата од фабриката во Верл ќе биде демонтирана и пренесена во Белгија со најмногу 30 камиони. Почетокот на производството е планиран за јануари.

Причина за финансиските проблеми биле зголемените трошоци за суровини и енергија, а особено високите цени на какаото, кои извршиле притисок врз целата чоколадна индустрија. Дополнителен товар биле и инвестициите за проширување на понудата, кои се совпаднале со економските последици од пандемијата, војната во Украина и енергетската криза.

И покрај напорите да се најде купувач што ќе го продолжи работењето во Германија, не била поднесена конкретна и остварлива понуда за преземање на компанијата.

На состанокот со работниците на 1 јули, отказ добиле сите 101 преостанат вработен. Според стечајниот управител, средствата во стечајната постапка не биле доволни за исплата на нивните плати во текот на отказниот рок.

DreiMeister е основана во 1973 година во германскиот град Верл, а со текот на годините стана позната по рачно изработените пралини, тартуфи и други чоколадни специјалитети.

Иако брендот ќе продолжи да постои, производството се сели во Белгија, додека сите преостанати вработени во германската компанија остануваат без работа.