Тогашниот потпретседател на Собранието на Град Скопје, Јове Кекеновски, се присетува дека денот започнал со обврски и следење на гласањето во петте скопски општини – Центар, Карпош, Кисела Вода, Гази Баба и Чаир. Пред избирачките места имало луѓе од сите генерации, а кај многумина се чувствувала свеста дека учествуваат во историски настан.
Како што одминувале часовите, растела и излезноста. Околу 16 часот започнале подготовките за прославата во центарот на градот. Без голема организација и однапред подготвено сценарио, за само неколку часа биле поставени бина, озвучување и светла.
Навечер, Скопје почнало да се полни со народ. Илјадници граѓани се слевале кон плоштадот „Македонија“, кој наскоро станал претесен за сите што сакале да бидат дел од прославата.
Нешто пред полноќ биле соопштени резултатите, а Киро Глигоров ја упатил познатата честитка: „Да ви честитам слободна, суверена и самостојна Македонија!“
Плоштадот бил исполнет со радост, прегратки и солзи. За оние кои биле таму, 8 Септември не бил само политички настан, туку ден кога една долгогодишна желба станала реалност – создавање сопствена држава.
Денес, 35 години подоцна, споменот на тој ден останува потсетник дека независноста била само почеток на многу поголемата задача – да се изгради држава во која ќе вреди да се живее.
