Летната сезона ги мобилизира доброволните пожарникари – над 250 во готовност
Актуелно

Летната сезона ги мобилизира доброволните пожарникари – над 250 во готовност

7/16/2026

Повеќе од 250 доброволни пожарникари од активните доброволни противпожарни друштва низ Македонија денеска се построија во касарната „Гоце Делчев“ во општина Аеродром, во организација на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како подготовка за претстојната сезона на пожари.

Со постројувањето беше направена проверка на бројот на доброволци кои се подготвени организирано да се вклучат во гаснењето на пожари на отворен простор како дел од Тимовите за брз одговор на ДЗС.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, ги претстави плановите и приоритетите за претстојната противпожарна сезона, а на доброволците им беше презентирана и новата организациска структура, чија цел е поефикасна координација и побрзо реагирање на терен.

По постројувањето беше одржан и работен состанок, на кој доброволните пожарникари разменија искуства и дадоа предлози за унапредување на системот за заштита и спасување во пресрет на летните пожари.