Европскиот совет соопшти дека го одобрил почетокот на преговорите со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија за вклучување во моделот „роаминг како дома“, односно укинување на роамингот со земјите од Западен Балкан.
Моделот „роаминг како дома“ ќе им овозможува на корисниците од шесте земји од Западен Балкан да остваруваат телефонски повици, да испраќаат пораки и да користат мобилен интернет додека патуваат во странство без да плаќаат дополнителни трошоци за роаминг, под истите услови како и дома.
По денешната одлука, Европската комисија ќе започне преговори со секоја од шесте земји на Западен Балкан. Пред да се вклучат во зоната „роаминг како дома“ секоја од земјите треба да спроведе законски измени и целосно да се усогласи со европското законодавство во областа на телекомуникациите.
Кипарското претседателство со Советот на ЕУ порача дека одлукака за отворање на преговорите со земјите од Западен Балкан за укинување на роамингот испраќа јасен сигнал за посветеноста на ЕУ кон регионот.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски неодамна изјави дека укинувањето на роамингот меѓу Европската Унија и Западен Балкан зависи од динамиката на Унијата, а според оптимистичко сценарио, тоа би можело да се случи на 1 јануари 2027 година.
Извор:360stepeni.mk
