Во текот на минатата година биле спроведени повеќе од 47.200 инспекциски надзори, а за констатираните прекршоци биле изречени 6.770 инспекциски мерки. Од формирањето во 2011 година, АХВ работи на воспоставување и одржување на систем за контрола на храната, здравствена заштита и благосостојба на животните, со фокус на безбедноста на храната и заштитата на потрошувачите.
Покрај контролата на храната, значаен сегмент од работата на Агенцијата е и здравствената заштита на животните. Во изминатите години континуирано се спроведувале национални програми за превенција, контрола и искоренување на заразни болести кај животните, како и активности за мониторинг и надзор со цел навремено откривање и спречување на потенцијални ризици.
Инспекциските служби на АХВ спроведуваат надзори во сите фази од синџирот на производство и дистрибуција на храната – од примарното производство, преку преработката, до продажбата на производите. Посебен акцент е ставен и на спречувањето измами со храна, како што се погрешно означување на производите, лажно претставување на нивното потекло или состав, како и други практики што можат да ги доведат потрошувачите во заблуда.
Во текот на 2024 и 2025 година биле засилени инспекциските контроли на домашното производство, прометот и увозот на храна. Како резултат на тоа, бил спречен пласманот на повеќе од 80 тони храна од неживотинско потекло и над 287 тони храна од животинско потекло на домашниот пазар. Дополнително, како небезбедни биле вратени 16 пратки со храна од животинско потекло на граничните премини, три пратки биле уништени, а биле забранети и девет пратки со храна од неживотинско потекло. Воедно, уништени биле и 90 тони увезена храна од неживотинско потекло која не ги исполнувала безбедносните стандарди.
