Време е Македонија да добие национална опсерваторија, Скопското астрономско друштво отвора повик за граѓаните
Актуелно

Време е Македонија да добие национална опсерваторија, Скопското астрономско друштво отвора повик за граѓаните

6/25/2026

Скопското астрономско друштво започнува сериозна иницијатива за изградба на современа национална астрономска опсерваторија во Македонија и најавува формирање на отворена работна група во која ќе можат да се вклучат сите заинтересирани граѓани, студенти, професори, научници, инженери, астрономи, астрофотографи и љубители на науката.

Од друштвото посочуваат дека по повеќемесечна работа на проектната иницијатива, следниот чекор е создавање поширока мрежа на поддржувачи кои ќе придонесат во нејзиниот понатамошен развој, промоција и афирмација во јавноста.

Идејата е Македонија да добие современа национална опсерваторија која ќе биде достапна за научни истражувања, образовни активности и јавни набљудувања на ноќното небо. Во регионот веќе постојат бројни астрономски опсерватории кои претставуваат важни центри за научни истражувања и едукација. Меѓу нив се Националната астрономска опсерваторија Рожен во Бугарија, најголемата опсерваторија на Балканот, Астрономската опсерваторија во Белград во Србија, која работи повеќе од еден век, Астрономската опсерваторија Белоградчик во Бугарија, Националната опсерваторија во Атина во Грција, како и повеќе универзитетски и истражувачки опсерватории во Романија, Хрватска и Словенија. За разлика од повеќето земји во соседството, Македонија сè уште нема современа национална астрономска опсерваторија која би била достапна за научната заедница, образовните институции и јавноста.

„Националната опсерваторија не е само инвестиција во астрономијата, туку и во образованието, науката и идните генерации истражувачи“, велат од Скопското астрономско друштво.

Сите заинтересирани кои сакаат активно да придонесат кон иницијативата можат да се приклучат на работната група преку следната пријава.  Во тек е и собирање потписи за поддршка на иницијативата на следниот линк

Од друштвото ги повикуваат граѓаните да ја споделат информацијата со цел иницијативата да стигне до што поголем број луѓе и организации кои можат да помогнат Македонија конечно да добие национална астрономска опсерваторија.

Извор: skopjeinfo.mk