НЕОПХОДЕН НА ТРПЕЗАТА, А ЦЕНАТА ПОСКАПУВА: Колкави количини и каков леб најчесто јадат Македонците?
Актуелно

НЕОПХОДЕН НА ТРПЕЗАТА, А ЦЕНАТА ПОСКАПУВА: Колкави количини и каков леб најчесто јадат Македонците?

4/2/2026

Лебот во Македонија поскапува од 3 до 5 денари, а производителите објаснија дека покачените трошоци ги натерале на ваков чекор. Годинава струјата поскапи, а од март месец и минималната плата се зголеми. Војната на Блискиот Исток влијае на цените на нафтата и тоа е удар за бизнисите.

Производителите тврдат дека подолг период работеле со исти цени, иако трошоците во меѓувреме значително се зголемиле.

Пред една недела поскапе лебот во Битола, а од вчера скоро сите пекарници ги качуваат цените. Официјално од 1 април е покачен лебот кај повеќето пекарници и тоа е направено така најмногу поради маркетите, да бидат известени навреме. Имаме дистрибуција со нафта, минималецот се покачи, брашното од Србија е покачено. Лебот сега е поскап за 5 денари. Цената на белиот леб се движи до 40 денари. Белиот леб луѓето најмногу го консумираат“, велат од битолска пекарница.

Од кочанска пекарница ни потврдија дека лебот веќе е поскапен за 3 денари. Ова важи за сите видови на леб, односно од 31 до 38 денари сега чини лебот во овој град. Од пекарницата во Кочани ни објаснија дека и кај нив луѓето најчесто купуваат бел леб, а другите видови помалку ги бараат, затоа што навиките се такви со години. Оние пекарници кои засега не ги зголемиле цените, ги следат економските параметри и наскоро ќе одлучат што понатаму.

Нема засега поскапување кај нас и не зборуваме за тоа. Сѐ зависи од ситуацијата како ќе се одвива, не зависи од нас. Ако сите ги покачат цените, ќе покачиме и ние. Со нафтата ако бидеме критично, ќе мора да се зголеми цената на лебот. Влијае и покачувањето на минималецот и покачувањето на цената на струјата, но туркаме. Белиот леб граѓаните најчесто го консумираат“, наведуваат од скопска пекарница.

Инаку, власта вети дека ако поскапувањето на лебот не е оправдано, ќе има казни.

Сепак, македонските граѓани имаат навика да консумираат поголема количина леб од народите во Западна Европа.

Според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС), македонските граѓани во 2024 година консумирале во просек по 55 килограми леб.  За леб од интегрално брашно количината била 0.5 килограми по лице во 2024 година. Што се однесува до лебот од р’жано брашно, количината била 1 килограм годишно по лице. 

 

На европско тло, важи правилото дека луѓето во земјите од нашиот регион и Турција јадат поголеми количини леб. Според податоците на Евростат, цената на лебот во европските земји значително пораснала во последните пет години.  На оваа листа, објавена лани,  Македонија се најде на третото место со покачување на цената на лебот за 65 отсто во рок од пет години.

Извор: faktor.mk