Плаќањето со картичка ги чини малите бизниси повеќе: На 1.000 денари им се одбиваат околу 15
Актуелно

Плаќањето со картичка ги чини малите бизниси повеќе: На 1.000 денари им се одбиваат околу 15

9/15/2026

За купувачот, плаќањето со картичка е едноставно – неколку секунди на ПОС-терминалот и сметката е платена. За трговецот, сепак, секоја ваква трансакција има своја цена.

Податоците на Народната банка за 2025 година покажуваат дека помалите трговци во просек плаќаат речиси двојно повисок процент за прифаќање картички во споредба со најголемите компании.

Кај трговците кои во текот на годината реализираат до еден милион денари промет со платежни картички, просечниот пондериран надоместок изнесувал околу 1,53%.

Кај компаниите со повеќе од 50 милиони денари годишен картичeн промет, просечната стапка била значително пониска – околу 0,77%.

Од 1.000 денари, мал трговец плаќа околу 15 денари

Разликата од 0,76 процентни поени можеби не изгледа голема, но кога ќе се пресмета на секоја трансакција и на вкупниот годишен промет, износот станува позначаен.

Ако мал трговец наплати 1.000 денари со картичка, при просечна провизија од 1,53% трошокот би изнесувал околу 15 денари.

За голем трговец кој плаќа просечни 0,77%, истата трансакција би чинела околу 8 денари.

На една сметка разликата е само неколку денари. Но кај стотици или илјадници трансакции месечно, таа веќе може значително да влијае врз трошоците на компанијата.

Колку е поголем прометот, толку е пониска провизијата

Статистиката за 2025 година покажува јасна поврзаност меѓу обемот на картичниот промет и просечната провизија.

Трговците со промет до 1 милион денари во просек плаќале 1,53%, оние со промет од 1 до 10 милиони денари – 1,29%, додека кај компаниите со промет меѓу 10 и 50 милиони денари стапката се намалува на 1,05%.

Најниска е кај трговците со повеќе од 50 милиони денари картичeн промет – 0,77%.

Просекот за сите категории во 2025 година изнесувал околу 1,01%.

Причината за разликите не е само големината на компанијата. На конечната цена можат да влијаат повеќе фактори, меѓу кои ризикот, видот на трговецот, бројот и структурата на трансакциите, картичните шеми и конкретните договорни услови со банката или другиот давател на платежни услуги.

Сепак, големиот обем на трансакции им дава на поголемите компании и посилна позиција при договарањето на условите.

Онлајн продавниците плаќаат уште повеќе

Уште повисоки трошоци се забележуваат кај електронската трговија.

Просечниот надоместок за овој вид наплата во 2025 година изнесувал околу 1,72%, што е значително над вкупниот просек од 1,01%.

Колку тоа може да значи за една интернет-продавница покажува едноставна пресметка.

Доколку компанија оствари 10 милиони денари продажба преку картички, при стапка од околу 1,7%, трошокот за картичната наплата би бил приближно 170.000 денари годишно.

При промет од 50 милиони денари, истиот процент би значел околу 850.000 денари.

Станува збор за илустративни пресметки според просечната стапка, бидејќи конкретните услови се разликуваат од трговец до трговец.

Сепак, тие покажуваат дека провизијата за наплата не е занемарлив трошок, особено кај бизниси кои работат со пониски маржи.

Провизиите постепено се намалуваат

Иако разликата меѓу малите и големите трговци останува, податоците покажуваат дека просечните провизии во изминатите години се намалуваат.

Во 2018 година, вкупниот просечен пондериран надоместок изнесувал околу 1,19%, додека во 2025 година се намалил на околу 1,01%.

Најголем пад има кај компаниите со најголем картичeн промет. Трговците со повеќе од 50 милиони денари промет во 2018 година плаќале нешто над 1%, а седум години подоцна просечната стапка е околу 0,77%.

Кај компаниите со промет од 10 до 50 милиони денари, во истиот период провизијата се намалила од приближно 1,20% на 1,05%.

Поголемата употреба на картички, растот на безготовинските плаќања, конкуренцијата и поголемата преговарачка моќ на големите компании постепено придонесуваат за намалување на трошоците.

Сепак, разликата според големината на бизнисот останува видлива: колку е помал картичниот промет на трговецот, толку поголем процент од секоја продажба во просек оди за надоместок за платежната услуга.

За потрошувачот сметката од 1.000 денари секогаш е 1.000 денари. За трговецот, пак, од секоја картична трансакција дел се издвојува за трошокот за наплата.