Ви недостигаат до 2 години стаж за пензија? Владата најавува можност да ги докупите
Актуелно

Ви недостигаат до 2 години стаж за пензија? Владата најавува можност да ги докупите

9/15/2026

Лицата на кои им недостигаат до две години стаж за да стигнат до законскиот минимум од 15 години, наскоро би можеле сами да го надополнат стажот и да остварат право на пензија.

Оваа можност ја најави министерот за социјална политика Ѓоко Велковски. Според предложеното решение, ќе можат да ја искористат лицата кои имаат најмалку 13 години работен стаж, ги исполнуваат условите за старосна пензија и веќе не се активни осигуреници.

Стажот ќе може да се докупи за период од најмногу 24 месеци, при што граѓаните сами ќе треба да ги уплатат придонесите за месеците што им недостигаат.

Сумата што ќе треба да ја платат ќе зависи од бројот на месеци, а придонесите ќе се пресметуваат на половина од просечната плата од претходната година.

Откако ќе се уплати стажот, пензијата ќе се пресметува според редовната законска формула, односно според стажот и примањата што лицето ги имало во текот на работниот век.

Законското решение сè уште се разгледува во Владата, а доколку биде усвоено, ќе им даде можност на лицата на кои им недостига малку стаж да не останат без право на пензија.