Се сеќавате ли на првиот „Мекдоналдс“ во Скопје? Отворен е на денешен ден пред 29 години
Актуелно

Се сеќавате ли на првиот „Мекдоналдс“ во Скопје? Отворен е на денешен ден пред 29 години

9/7/2026

Во 1997 година, Македонија го доби својот прв ресторан на светски познатиот синџир за брза храна „Мекдоналдс“. Отворањето во Скопје привлече големо внимание, особено кај младите, за кои брендот беше нешто ново и поинакво.

Во деведесеттите, пристигнувањето на светски брендови во земјата се доживуваше како знак на отворањето на македонскиот пазар кон глобалните трендови. За многумина, посетата на „Мекдоналдс“ беше повеќе од обичен оброк – ресторанот стана популарно место за дружење и средби.

„Мекдоналдс“ во Македонија работеше 16 години, а во моментот на затворањето имаше седум ресторани – шест во Скопје и еден во Охрид.

Сите ресторани беа затворени на 14 мај 2013 година, по прекинот на франшизниот договор меѓу „McDonald’s Europe“ и македонската компанија „СЈ“. Иако тогаш беше најавено дека се бара решение за повторно отворање, рестораните никогаш не се вратија.

На 12 јуни 2013 година беа отстранети и ознаките на „McDonald’s“, со што стана јасно дека затворањето е трајно. Денес, првиот „Мекдоналдс“ кај многумина останува симбол на едно поинакво време и потсетник на деведесеттите.