„Глобалната е-трговија е во подем и царинските прописи на ЕУ мора да го следат примерот. Отстранувањето на застареното ослободување за мали пакети ќе го поддржи бизнисот во ЕУ и ќе стави крај на несовесните продавачи. Сега мора решително да продолжиме со целокупната царинска реформа, што е клучен дел од сложувалката во создавањето поконкурентна и побезбедна Унија“, рече Макис Керавнос, министер за финансии на Кипар.
Дотогаш, земјите-членки се согласија да воведат привремена фиксна давачка од 3 евра за артикли во мали пакувања во вредност до 150 евра испратени директно до потрошувачите во ЕУ. Оваа мерка ќе се применува од 1 јули 2026 година. Данокот ќе се наплаќа за секоја поединечна категорија на производ во рамките на пакетот, а категориите се определуваат според нивните тарифни подброеви.
Пример е пакет што содржи една свилена блуза и две волнени блузи. Бидејќи тие спаѓаат под различни тарифни подброеви, пакетот содржи две различни категории на производи и давачката би била 6 евра.
Новиот систем ќе има позитивно влијание и врз буџетот на ЕУ и врз националните јавни финансии. Царинските давачки се традиционални сопствени приходи на Унијата, а земјите-членки задржуваат дел од овие износи како трошоци за наплата. Советот забележува дека оваа мерка е различна од предложената „такса за ракување“, која моментално се дискутира како дел од пошироката царинска реформа.
Привремена фиксна давачка од 3 евра ќе се наплаќа за секоја категорија мали пратки што влегуваат во ЕУ од 1 јули 2026 до 1 јули 2028 година, со можност за продолжување. Откако новиот Царински центар за податоци на ЕУ ќе стане оперативен, оваа привремена давачка ќе биде заменета со вообичаени царински тарифи.
Според Европската комисија, обемот на мали пратки што пристигнуваат во ЕУ се дуплира секоја година од 2022 година. Во 2024 година, 4,6 милијарди такви пратки влегле на пазарот на ЕУ, од кои 91 процент дошле од Кина.
Европската Унија во моментов спроведува сеопфатна реформа на својот царински систем за да се прилагоди на значителниот притисок што произлегува од зголемените трговски текови, фрагментираните национални системи, брзиот раст на е-трговијата и променетите геополитички околности. Преговорите меѓу Советот и Европскиот парламент за реформата, што вклучува воспоставување на Царински центар за податоци под надзор на новата Царинска администрација на ЕУ, сè уште се во тек.
Извор: nezavisen.mk
