Од лето директно на снег: Пелистер побеле на првиот ден од есента
Актуелно

Од лето директно на снег: Пелистер побеле на првиот ден од есента

23. 09. 2026.

Само што започна астрономската есен, а на највисоките делови од Баба Планина веќе пристигна и првиот снег. Националниот парк Пелистер објави фотографии од побелените планински предели, откако заладувањето донесе зимски услови на поголема надморска височина.

Снежните врнежи се појавија на високите делови од Пелистер каде што падот на температурите создаде услови дождот да премине во снег.

Фотографиите споделени од Националниот парк покажуваат побелени карпести предели и делови од планината покриени со тенка снежна покривка.

Од летни температури до снег на планините

Промената доаѓа по периодот на високи температури и летно време, а студениот бран донесе значително посвежи услови низ земјава.

На високите планински предели падот на температурата е уште поизразен, па Пелистер меѓу првите ја доби својата есенска снежна покривка.

Снег во овој период од годината на највисоките делови од Баба Планина не е невообичаена појава. Пелистер се издигнува над 2.600 метри, поради што временските услови на врвовите можат значително да се разликуваат од оние во Пелагонија.

Внимателно при движење на планина

Со снегот и ниските температури се менуваат и условите за планинарење. Влажните и замрзнати површини можат да бидат лизгави, а на поголема надморска височина временските услови можат брзо да се променат.

Затоа, сите кои во овој период планираат искачување кон повисоките делови од Пелистер треба да бидат соодветно опремени и да ги следат актуелните временски услови.