Според директорот на „Македонски железници – Инфраструктура“, Синиша Ивановски, една од новите линии ќе биде долга 18 километри и ќе го поврзува Волково со Железничката станица во Скопје, преку Ѓорче Петров и Скопје Север.
Втората планирана линија ќе има должина од 20 километри и ќе ги опфаќа Миладиновци, Илинден и Маџари, со крајна врска со Железничката станица во Скопје.
Ивановски очекува проектната документација за двете делници да биде завршена до крајот на октомври. Доколку во соработка со Владата се обезбедат потребните финансиски средства, изградбата на двете линии би можела да започне до крајот на оваа година.
Планот е двете нови линии да бидат целосно изградени и ставени во функција до крајот на 2027 година, а најдоцна до почетокот на 2028 година.
