Тоа е најопасната комбинација што може да произлезе од претстојната пензиска реформа – државата да го одложи пензионирањето затоа што ПИОМ нема доволно пари, а во меѓувреме да посегне по вториот столб за привремено да ја сокрие истата финансиска дупка.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека ММФ и Светската банка ќе го анализираат целиот пензиски систем, но нагласи: „Официјално во Владата не сме разговарале“.
Но кога во јавноста ќе се појави идеја државата да преземе повеќе од 200 милијарди денари од личните пензиски сметки на над 639.000 граѓани, тоа не е безначајна теоретска вежба. Тоа е тестирање колкав отпор ќе предизвика едно од најголемите можни прераспределувања на приватно акумулирани средства во поновата македонска историја.
На 26 јули 2026 година задолжителните пензиски фондови управувале со нето-средства од околу 208,7 милијарди денари, а во системот имало 639.492 членови. Тоа не се слободни буџетски средства, не се државна резерва и не се заборавени пари што некој министер може да ги префрли од една сметка на друга. Тие се акумулирани на индивидуални сметки и се наменети за идните пензии на конкретни осигуреници.
Национализацијата на вториот столб затоа не би била „спасување на пензискиот систем“. Би била одземање на долгорочната пензиска заштеда на една генерација за да се финансираат тековните обврски на државата.
Тоа е како семејство да го продаде станот за да ги плати сметките за струја во следните три години. Привремено ќе нема долг. По три години нема да има ниту пари, ниту стан, а новите сметки повторно ќе пристигнуваат.
Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови е децидна: „Средствата во вториот пензиски столб се личен имот на осигурениците“. Според нивната пресметка, преземањето на ликвидниот дел би го покрило пензискиот дефицит помалку од две години, а претворањето на целото портфолио во средства би донело олеснување најмногу околу три години.
Ова е процена на пензиските друштва, кои имаат сопствен деловен интерес во опстанокот на вториот столб и чии пресметки треба да бидат независно проверени. Но економската суштина не може да се оспори: еднократното преземање на акумулиран капитал не го решава трајниот недостиг на работници, ниската наплата на придонеси, иселувањето и растечкиот број пензионери.
По трошењето на парите Македонија повторно ќе има премалку осигуреници и премногу пензиски обврски. Разликата ќе биде во тоа што веќе нема да има втор столб што постепено презема дел од идните исплати.
Претседателот на Асоцијацијата, Маријан Николовски, предупреди дека соодносот е само околу 1,6 до 1,7 вработени на еден пензионер. Неговата порака е дека реформата треба да го оптимизира капитално финансираниот систем, „а не да се враќаме назад“.
Токму тој сооднос е причината поради која вториот столб воопшто бил воведен. Првиот столб функционира според генерациска солидарност: придонесите што денес ги уплаќаат вработените во најголем дел се користат за тековна исплата на пензионерите. Кога на еден пензионер доаѓаат помалку од двајца вработени, системот сè потешко може сам да ги покрива обврските.
Вториот столб работи поинаку.
Дел од придонесот се запишува на индивидуална сметка, се инвестира и се акумулира во текот на работниот век. Идната пензија не зависи само од тоа дали идните генерации ќе имаат доволно вработени, туку и од реално создадениот капитал на самиот осигуреник.
Доколку државата го укине тој механизам и ги префрли средствата во ПИОМ, нема да создаде ново богатство. Ќе замени реален капитал со политичко ветување дека некоја идна влада, од некој иден буџет, ќе ги исплати преземените пензиски права.
Тоа не е финансиска консолидација. Тоа е преместување на долгот од денешните сметки во идните буџети.
Ниту самата правна природа на средствата не остава простор тие лесно да се прогласат за државни. Министерството за социјална политика наведува дека средствата од индивидуалната сметка се користат за исплата на пензијата на членот, а ако починатиот нема семејство со право на семејна пензија, тие влегуваат во неговата оставинска маса и се наследуваат.
Уставниот суд во својата практика уште појасно констатирал дека на индивидуалните сметки се акумулирани средства што се „личен имот и предмет на наследување“.
Во друга одлука Судот утврдил дека законската рамка поставува гаранции за сопственоста на вложените средства и дека врз индивидуалните сметки не може да се спроведе извршување, порамнување или стечај.
Тоа не значи дека едно парламентарно мнозинство физички не може да изгласа закон со кој ќе се обиде да го редизајнира системот. Може. Но таквата одлука би предизвикала сериозен уставен спор за заштитата на сопственоста, наследувањето, правната сигурност и правичниот надомест.
Уставот предвидува дека никому не може да му се одземе или ограничи сопственоста, освен за јавен интерес утврден со закон, при што се гарантира правичен надомест што не може да биде понизок од пазарната вредност.
Ако државата мора правично да ги надомести преземените пензиски средства, тогаш национализацијата не создава фискална добивка. Ако не ги надомести, тогаш ризикува масовни судски спорови и повреда на уставно заштитени права.
Во двата случаи не постои бесплатно решение.
Особено е манипулативна претставата дека во вториот столб има повеќе од 200 милијарди денари готовина што чека да биде земена. Најголем дел од средствата е инвестиран во финансиски инструменти, а околу две третини од портфолиото се обврзници, главно домашни државни хартии од вредност.
Тоа значи дека државата во значителен дел би презела обврзници што самата ги издала.
На хартија би можела да прикаже понизок јавен долг или да ги поништи сопствените обврски. Во реалноста, наместо долг кон пензиските фондови би создала многу поголема и подолгорочна обврска кон стотици илјади идни пензионери.
Економскиот товар не исчезнува затоа што е преместен во друга колона.
Национализацијата би создала и нов проблем за самата држава. Пензиските фондови се меѓу најголемите и најстабилните купувачи на домашни државни обврзници. Со нивното укинување или празнење, Министерството за финансии би изгубило голем институционален инвеститор што редовно го финансира буџетот.
Краткорочно државата може да добие пристап до средствата. Долгорочно може да мора да се задолжува поскапо, кај странски кредитори или на меѓународните пазари, затоа што самата го уништила домашниот купувач на нејзиниот долг.
Следниот удар би бил врз довербата.
Над 639.000 луѓе со години добиваат извештаи за своите индивидуални сметки. Тие можат да видат колку придонеси им се уплатени, колку единици поседуваат и како се движи вредноста на нивната заштеда. Доколку државата со политичка одлука го преземе тој капитал, пораката ќе биде дека ниту една долгорочна заштеда не е целосно безбедна кога Буџетот ќе остане без пари.
По таков потег, зошто граѓанинот би уплаќал во доброволен пензиски фонд? Зошто би верувал во животно осигурување, инвестициски фонд или долгорочен штеден производ? Зошто би чувал капитал во систем во кој државата може ретроактивно да ги промени правилата и да го прогласи неговиот имот за национално решение?
Една влада би затворила тригодишна дупка, а целата економија би плаќала со децении преку пониска доверба и помала домашна заштеда.
Тишината остава простор сомнежот да расте.
Паралелно со ова прашање, Македонија ќе мора да ја решава и старосната граница за пензионирање.
Во Европа трендот е јасен. За лицата што влегле на пазарот на труд на 22 години, просечната идно проектирана возраст за пензионирање се движи кон околу 67 години. Данска проектира граница од 74 години, Естонија 71, а повеќе држави околу 70 години. Европските земји сè почесто ја поврзуваат пензиската возраст со очекуваниот животен век. НО, зборуваме за развиени економии не за кутра Македонија во која секој залак се брои.
Македонските мажи денес се пензионираат на 64, а жените на 62 години, со најмалку 15 години стаж. Но оваа граница тешко може да се смета за загарантирана за генерациите што ќе се пензионираат во 2030, 2040 или 2050 година.
Демографската слика работи против сегашниот модел. Населението се намалува, младите се иселуваат, животниот век се продолжува, а бројот на пензионери расте. ПИОМ веќе зависи од големи буџетски трансфери затоа што придонесите не се доволни за сите тековни исплати.
Токму тука се гледа целата опасност од идејата за национализација.
Вториот столб бил создаден за постепено да преземе дел од товарот што ПИОМ повеќе не може сам да го носи. Ако државата сега го укине затоа што првиот столб има дефицит, ќе го уништи механизмот што треба да го намали идниот дефицит за да го покрие денешниот.
Тоа е фискален канибализам: сегашниот пензиски систем да ја изеде идната пензиска заштеда за да преживее уште неколку години.
Но црвената линија мора да биде јасна: средствата на индивидуалните сметки не се буџетска резерва.
Ниту една влада не смее да ја покрива сопствената финансиска неспособност со парите што работниците ги издвојувале за старост.
Доколку Македонија навистина тргне кон повисока старосна граница, новите пензионери можеби ќе работат подолго од 67 години. Тоа само по себе ќе биде тежок општествен договор.
Но да им се бара да работат подолго, а истовремено да им се одземат акумулираните пензиски средства, би било двојна казна.
Прво државата ќе им каже дека нема доволно млади работници за да им ја исплати пензијата навреме.
Потоа ќе им ги земе парите што самите ги заштедиле за да не зависат целосно од државата.
Тоа не е пензиска реформа.
Тоа е национализација на иднината.
Извор:racin.mk
