На дното на листата, пак, се наоѓаат две држави каде платите се во двоцифрени бројки, поточно под 100 долари – тоа се Куба, која е убедливо последна на листата на која се 126 земји, со просечна плата од само 35,35 долари и Сирија, на претпоследното место со 45,85 долари месечна плата. Македонија на оваа листа се наоѓа некаде на златна средина, поточно на 66-то место, со просечна плата од 716,47 долари.
Numbeo е најголемата светска база на податоци од корисници за градови и земји ширум светот. Numbeo објавува тековни информации за условите за живот во светот, вклучувајќи ги трошоците за живот, индикаторите за домување, здравствената заштита, сообраќајот, криминалот и загадувањето.
Просечната месечна нето плата по земја се однесува на просечната сума на пари што вработен ја добива откако ќе се одземат даноците и другите одбитоци од неговата бруто плата, во одредена земја. Просечната месечна нето плата е под влијание на различни фактори како што се економскиот раст, даноците, трошоците за живот и владините политики. Тоа е важна метрика што се користи за проценка на животниот стандард во одредена земја и може значително да варира во различни региони и земји.
На листата на Намбео за 2025, во првите 10 држави во светот со највисоки просечни месечни плати, освен Швајцарија, Луксембург и Исланд, се најдоа уште и Соединетите Американски држави (со пад од едно место во однос на 2024 и со просечна плата од 4.336 долари) , Данска (3.984 долари), Сингапур (3.911 долари), Холандија (3.777), Катар (3.715), Хонг Конг (3.653) и Норвешка (3.571 долар).
На истата листа, од поранешните југословенски републики, Словенија се најде на високото 37-то место според висина на просечната плата – со 1.667 долари месечно, а потоа следи Хрватска, на 42-то место, со 1.529 долари.
Од останатите држави на Балканот, барем оние кои не се членки на Европската Унија, на листата повисоко од Македонија котираат Црна Гора (на 53-то место), со просечна плата од 952 долара, Србија (на 57-мо место) со 884 долари, како и Босна и Херцеговина со 763 долари (65.место). Албанија и Косово имаат помали просечни плати, според листата на Намбео, нашиот западен сосед е на 68. место со примања од 709 долари, додека Косово се најде на 80-то со просечна плата од 584 долари.
Извор: pari.com.mk
