Изготвена е новата потрошувачка кошница, ќе се пресметува за тричлено семејство, во неа ќе нема одмор, алкохол, цигари
Актуелно

Изготвена е новата потрошувачка кошница, ќе се пресметува за тричлено семејство, во неа ќе нема одмор, алкохол, цигари

12. 04. 2025.

Изготвена е новата потрошувачка кошница. Од ова што е познато таа од сега ќе се пресметува за тричлено семејство но ќе се скратат одморите во странство, алкохолот, цигарите и други производи кои се сметаат за луксуз.

Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески вели дека податоците од просечната кошница ќе се користат единствено како насока за спроведување на економските политики во заштита на животниот стандард на граѓаните, а не за политиканство, како што било до сега.

„Кошничката е веќе готова и понатаму ќе оди на усогласување со синдикатите и секако со Организацијата на работодавачи и Организацијата за заштита на потрошувачи. Исто така за да биде верификувана просечната потрошувачка кошница ќе мора да биде верификувана и гласана во Економско социјалниот совет, кој ќе се одржи наскоро“, изјави денес Ристески, одговарајќи на прашања на новинарите пред економскиот форум „Зајакнување на работоспособните жени“, што се одржува во Скопје.

Ристески додаде дека просечната потрошувачка кошница ќе биде „навистина еден комплетен квалитетн одраз на потребите на едно просечно македонско семејство“, а тоа е тричлено семејство, спрема податоците на Државниот завод за статистика. Сите податоци за формулација и конкретно за пресметување на просечната потрошувачка кошница ќе бидат земени од официјални податоци од Државниот завод за статистика и податоците од ДПИ во однос на цените на основните производи и трошоци за живот во Република Македонија.

„Оваа кошница нема да биде нити за креирање на јавно мислење, нити за политикантство како што претходно се правело. Оваа просечна потрошувачка кошница ќе биде за нашите потреби, за Министерството за економија и Владата во идните креирања на политики за донесување закони и одлуки, со една единствена цел, заштита на животниот стандард на граѓаните“, рече Ристески.

Објасни дека просечната потрошувачка кошница во пресметките нема да користи акцизни стоки, како што се алкохол, цигари, летување во странство и тн. бидејќи тоа го  сметале за луксуз. Или, пак овошје кое што не е карактеристично за одредена сезона во годината.

„Сето ќе биде врз база на релевантни податоци од цените на релевантни производи кои што се користат сезонски, меѓутоа и податоци земени од повеќе маркети. Маркети кои имаат високи цени, маркети со пониски цени односно средни цени и хард дисконти со најниски цени, како и цени од зелените пазари и локални маркети од различни региони во Македонија“, рече тој.

Тој додаде и дека во Законот за прекршоци има измени со кои покрај парични казни, кои биле многу мали, од 500 до 10 илјади евра во зависност од големината на маркетите, сега е воведена уште една поригорозна казна, а тоа е затворање од 15 дена на маркети.

„Ќе видите во наредниот период, можеби ќе има затворање на такви маркети. И, секако оперативното делување на Комисијата за заштита на конкуренцијата која ревносно работи од месец јануари откако почнаа нејзините законски обврски и се комплетира во однос на контрола на договорите помеѓу добавувачите и трговците на мало  и големо“, рече Ристески.

Извор: skopjeinfo.mk