Граѓаните ги празнат и пумпите и маркетите
Актуелно

Граѓаните ги празнат и пумпите и маркетите

11. 03. 2026.

Новото драстично поскапување на горивата предизвика паника кај граѓаните, кои масовно ги полнат резервоарите и купуваат основни прехранбени продукти. Транспортниот сектор предупредува дека растот на цената на нафтата ќе го зголеми ценовниот притисок и ќе се прелее врз крајните цени на производите. Економистите посочуваат дека ваквите ценовни шокови може да ја забрзаат инфлаторната спирала, а државните институции најавуваат засилени контроли за да се заштити стандардот на граѓаните

Драстичното поскапување на горивата во Македонија предизвика нервоза и паника кај граѓаните, кои во понеделникот вечерта масовно се упатија кон бензинските пумпи за да ги наполнат резервоарите пред да стапат на сила новите, повисоки цени. Со новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, дизелот скокна за дури 14,5 денари за литар, достигнувајќи 85,50 денари, додека бензините поскапеа за 5 денари за литар, па еуросупер 95 се продава за 79,50 денари.

Но, паниката не застана само на бензинските. Стравот од нов бран поскапување веќе се чувствува и меѓу граѓаните. Според трговците, забележано е зголемено купување на основните прехранбени производи: масло за јадење, брашно и друго, поради стравот дека растот на цената на горивата ќе предизвика нов бран поскапување.

Поучени од слични вакви сценарија, економските анализи укажуваат дека е типично ваквото однесување во услови на ценовни шокови, бидејќи очекувањето за идно поскапување често ги поттикнува граѓаните да прават резерви, што дополнително ја зголемува побарувачката и може да ја забрза инфлацијата.

– Гледаме како одат цените нагоре и не знаеме што ќе биде утре. Затоа купивме масло и брашно за секој случај. Ако поскапи транспортот, сигурно ќе поскапи и храната – вели скопјанец што го затековме во маркет, со полна количка.

Слично размислува и пензионерката Софија, која вели дека ваквите ситуации веќе ги научиле луѓето да бидат претпазливи.

– Кога ќе поскапи горивото, по тоа поскапува сè. Прво лебот, па зеленчукот, па другите работи. Затоа купуваме малку повеќе додека можеме – вели таа.

Се очекува најголем удар од поскапувањето да почувствува транспортниот сектор. Регионалните медиуми пренесуваат предупредување од здруженијата на превозниците дека растот на цената на горивото директно ги зголемува оперативните трошоци на транспортните компании и може да доведе до поскапување на услугите, па дури и до затворање на дел од фирмите ако продолжи трендот.

За економиите како македонската, која е силно зависна од копнениот транспорт за снабдување и трговија, поскапувањето на горивата има силен доминоефект. Транспортот е клучна алка во синџирот на снабдување, па секое поскапување на дизелот се прелева на цената на храната, индустриските производи и на услугите.

– Поскапувањето на горивата може брзо да се прелее и на цените на другите производи, особено на храната. Транспортот е една од клучните алки во економијата и секој ценовен шок кај горивата речиси автоматски се префрла на цената на крајните производи. Кога нагло расте цената на дизелот, се зголемуваат трошоците за превоз на стоки, а тоа значи дека компаниите на крајот ќе мора да ги зголемат цените. Тоа може да го поттикне таканаречениот ефект на инфлаторна спирала – предупредуваат дел од економските аналитичари.

Од Државниот пазарен инспекторат најавуваат засилени контроли кај трговците, поради можноста за неоправдано зголемување на цените на прехранбените производи. Директорот на Инспекторатот, Влатко Стојкоски, најави дека ќе се следат профитните маржи и движењето на цените во маркетите, дистрибутерите и кај производителите.

– Веднаш ќе формираме тим и ќе изготвиме оперативен план, а ќе има и инспекциски контроли по маркетите, дистрибутерите, увозниците и производителите на храна. Се надевам на разум кај трговците, имајќи предвид дека и светот се соочува со економска криза и очекувам нивна општествена одговорност – изјави Стојкоски.

Слично стравување изразуваат и автобуските и транспортните превозници, кои велат дека најголемиот дел од нивните трошоци се токму за гориво.

– Дизелот е најголемата ставка во нашето работење. Ако продолжат да растат цените, неизбежно е да се зголемат и цените на транспортните услуги. Тоа, пак, ќе се одрази на цените на производите во продавниците – велат од здруженијата на превозници.

Од Асоцијацијата „Макамтранс“ веќе подготвуваат допис до Владата во кој ќе бараат да се враќа дел од акцизата, со цел да се олесни работењето на превозниците, но и да се намали влијанието на енергенсите врз крајниот производ. Оттаму нагласуваат дека зголемените цени на нафтата имаат двојно влијание врз крајните цени до потрошувачите: прво, се зголемуваат трошоците за транспорт на репроматеријали до фабриките, а потоа и за дистрибуција на готовите производи до продавниците.

– Ова двојно влијае на инфлацијата – предупредуваат од „Макамтранс“ и потсетуваат дека превозните компании ќе се соочуваат со раст на трошоците додека имаат проблеми со броењето на деновите за престој на возачите во Шенген-зоната.

Ако не преземе Владата мерки, сметаат дека ќе се префрли двојниот ефект и врз цените на храната, индустриските производи и на услугите, што дополнително ќе ја забрза инфлаторната спирала во Македонија.

Најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека инфлацијата во земјава и натаму е релативно стабилна. Индексот на трошоците за живот во февруари годинава во однос на тој месец лани е зголемен за 2,9 %, додека цените на мало се повисоки за 1,6 %. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата внимателно ја следи состојбата и дека е приоритет да се зачува ценовната стабилност.

– Инфлацијата се спушти под 3 % и очекувам да продолжи овој тренд. Треба да сториме сѐ што е во наша моќ да го зачуваме стандардот на граѓаните преку одржување на ценовната стабилност, имајќи предвид уште еден факт, дека се зголемени цените на мало за 1,6 % – потенцира Мицкоски.

Тој рече дека базната инфлација е смирена и очекува оваа година да се движи меѓу 2 и 3 проценти, ако не се случи нешто непредвидено, што не зависи од нас, рече Мицкоски, додавајќи дека глобалните геополитички случувања, особено на енергетските пазари, може да имаат влијание врз економијата.

Иако официјалните претставници уверуваат дека цените на горивата во Македонија и натаму се меѓу пониските во регионот, новиот ценовен шок повторно ја отвори дебатата за ранливоста на економијата и на енергетскиот пазар, како и во трговијата. Мицкоски најави за утре состанок со сопствениците на синџирите супермаркети и хипермаркети.

– Сакам и со нив да поразговарам, да не се користи сега овој притисок веднаш да се зголемат цените и да се префрли притисокот врз потрошувачката кошница на граѓаните за да не мораме ние, како Влада, да преземаме друг тип на, би рекол, офанзивни мерки – истакна тој.

Претседателот на Владата нагласи дека Комисијата за заштита на конкуренцијата и Државниот пазарен инспекторат ќе го следат однесувањето на трговците на производи на мало и на големо и врз основа на нивното однесување, така ќе се однесува и Владата.

– Очекуваме тие да имаат фер однос кон граѓаните за и ние, како Влада, да бидеме фер кон нив, односно заеднички во овие моменти да го заштитиме стандардот на граѓаните, бидејќи тоа претставува наша цел и приоритет во моментот – додаде Мицкоски.

Граѓаните очекуваат поскапувањето на горивата да биде само краткорочен шок и истовремено стравуваат дека ова е почеток на нов бран поскапување што ќе се почувствува во секојдневниот живот – од транспортот до цената на лебот на трпезата.

 

Извор:vecer.press