Според прелиминарните податоци на „Евростат“, бруто-домашниот производ (БДП) на еврозоната пораснал за 0,4 проценти во однос на претходниот квартал, по периодот без раст во првите три месеци од годината. Економистите претходно прогнозираа раст од 0,2 проценти.
На ниво на Европската Унија, кварталниот раст достигнал 0,5 проценти, во споредба со 0,1 процент во претходниот квартал. Годишниот економски раст изнесувал еден процент во еврозоната и 1,2 проценти во целата ЕУ.
Најсилен квартален раст меѓу земјите што веќе ги објавија своите податоци забележала Ирска, со зголемување на БДП од 3,9 проценти. Следуваат Литванија со 1,7 проценти и Шведска со 1,4 проценти. Добри резултати оствариле и Португалија со раст од 0,8 проценти и Шпанија со 0,7 проценти.
Од друга страна, Белгија и Австрија стагнирале, додека Германија, Франција и Италија забележале позитивен раст, но со побавно темпо.
Германската економија пораснала за 0,2 проценти, што е помалку од 0,4 проценти во првиот квартал, но сепак повеќе од пазарните очекувања.
Според Клаус Вистесен, главен економист за еврозоната во „Пантеон макроекономикс“, нето-извозот бил главниот двигател на растот во вториот квартал, додека домашната потрошувачка забавила, а инвестициите се намалиле.
И покрај подобрите резултати од очекуваното, аналитичарите предупредуваат дека економското закрепнување останува нерамномерно. Дополнителен ризик претставува повторното забрзување на инфлацијата во Германија и Шпанија, што би можело повторно да ја отвори дебатата за евентуално зголемување на каматните стапки од страна на Европската централна банка.
Извор:skopje1.mk
